Задругите и нивните членови и во наредните 5 години ќе добиваат субвенции за нивното основање и работење. Средствата се неповратни. Можат да се искористат и за набавка на механизација каде што државата плаќа 90 проценти од трошоците, а кај осигурувањето покрива 80 насто од вредноста на полисата…
Финансиска поддршка на задругите продолжува и во наредните 5 години. Ќе има и постојан систем за обука на менаџерите и техничка поддршка од иницијативите за основање се до почетокот на нивното редовно работење.
Право за користење на средствата ќе имаат сите земјоделски задруги кои се регистрирани во Регистарот на Министерството.
Средствата се неповратни, а ќе можат да се користат за 100 процентно покривање на трошоците за првата година од основањето со 20 отсто намалување секоја наредна за период не подолг од пет години. Средствата се наменети за покривање на нивните основни, административни и технички трошоци и бруто-плата на менаџерот.
Парите може да се искористат и за набавка на механизација до 90 проценти од инвестицијата и до 80 насто за осигурување на производствените капацитети.
Државата целосно ги покрива и трошоците за обука на менаџерите и поддршката за организирање на информативни и промотивни активности за земјоделски производи. Дополнително членовите на земјоделските задруги имаат право и на 10 отсто поголеми субвенции.