300 милиони денари годинава се обезбедени за субвенционирање на горивото за обработка на нивите. Финансиската поддршка е 50 проценти од трошоците за набавка на дизел, но не повеќе од 100.000 денари по земјоделско стопанство. Досега скоро 50.000 земјоделци парите ги добиваа на електронска картичка. Пријавувањето е до 14-ти јули…
Годинава за така наречената „зелена нафта“ се обезбедени вкупно 300 милиони денари. Субвенцијата е 50 проценти од трошоците за обработка на насадите и посевите на нивата.
Висината на поддршката зависи од видот на културата и големината на површината која е пријавена во барањата за финансиска помош. Корисници се полјоделците, овоштарите, лозарите и градинарите.
За пченица, јачмен, пченка,’рж, овес, ориз, тритикале, хељда, просо и лековити, ароматични и зачински растенија, поддршката изнесува 1.600 денари по хектар.
За хмењ, лен, леќа, кикиритки, соја, сончоглед, маслодајна, шеќерна и добиточна репка, афион и памук, земјоделските производители ќе добиваат по 2.400, а за градинарските и лозовите култури 4.800 денари по хектар.
Во овоштарството субвенцијата изнесува 6.000, освен за дуња, мушмула, маслинка, калинка, јапонско јаболко, смоква, бадем и лешник за кои следуваат 4.400, а за ореви и костени по 3.000 денар и по хектар.
Парите се добиваат на картичка која може да се користи повеќекратно сè додека средствата не се потрошат. Минимум на еден земјоделец му следуваат по 500 денари, дури и во случај ако вкупната пресметана сума на субвенцијата е помала од овој износ.