Предлог Буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2020 година е развоен буџет, директно насочен кон потребите на стопанството и граѓаните и е проектиран да обезбеди високо ниво на реализација на капиталните инвестиции во делот на гасификацијата, железничката, комуналната и патната инфраструктура, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески на денешната прес-конференција на која го презентираше Предлог-Буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2020 година.

Буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2020 година е проектиран на 5 милијарди 810 милиони 579 илјади денари, од кои 83 отсто од проектираните средства или 4 милијарди 819 милиони 974 илјади денари се расходи наменети за реализација на капитални проекти.

Тој потенцираше дека следната година ќе се објави јавен повик за изградба на магистралните гасоводи Велес-Свети Николе и Гостивар-Кичево. Во делот на комуналната инфраструктура се предвидува изградба на канализациона мрежа во Ѓорче Петров и Арачиново, како и изградба на брана на реката Отиња.

Во Предлог-Буџетот на Министерството за транспорт и врски се предвидени и 20 милиони денари за изработка на Урбанистички планови за општините, 40 милиони денари за Декадата на Ромите, како и 134 милиони денари за мерки и активности со кои ќе се унапреди инфраструктурата на граничните премини и транспортот во рамки на проектот „Олеснување на трговијата за Западен Балкан“.

Сугарески додаде дека во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта, во следната година продолжува уште поголема инвестициона активност во изградба и реконструкција на патната мрежа низ државата, за што најави нови проекти.

 

Видео