Според податоците на Обединетите нации, на глобално ниво годишно се фрла храна во вредност од речиси 400 милијарди долари или пропаѓа пред воопшто да дојде до продавниците.
Околу 20,7 проценти храна се фрла на годишно ниво во Централна и Јужна Азија, додека во Северна Америка и Европа на отпад завршуваат 15,7 проценти храна. Од друга страна, најмалку храна се фрла на подрачјето во Источна и Југоисточна Азија, 7,8 проценти и Австралија и Нов Зеланд, 5,8 проценти.
„Фрлањето храна е дополнително оптеретување на веќе ограничените природни ресурси. Овие податоци покажуваат како и понатаму продолжуваме да ги трошиме своите ресурси, загадувајќи ја водата и атмосферата“, објасни Чу Донгжу, генерален директор на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации.
Кога станува збор за видот на храната, најголем дел, односно 25,3 проценти отпад се житни култури и мешунки, а потоа следуваат овошјето и зеленчукот со 21,6 проценти.
Потрошувачите, исто така, играат голема улога во овој вид отпад. Дури 37 проценти од животинските производи и петтина од вкупното овошје и зеленчук завршува во ѓубре по купувањето. Се разбира, богатите земји, заради ограничениот рок на траење на производите и лошото планирање на набавки, имаат повеќе отпад.