Надлежните за транспортниот бизнис забораваат дека возачите имаат специфично работно време, кое подразбира колку часови се вози, а колку се одмора. Сега, времето за одмор поминува во стоење во место на границите и потоа мора да продолжи возењето за да не се плаќаат пенали за задоцнетиот истовар
Границите и чекањето во место го уништуваат патниот транспортен превоз. Ова е горчливата вистина, скриена зад најновиот извештај на Светска банка, кој открива дека возачите на камиони непотребно губат 26 милиони часа (речиси 3.000 години) чекајќи на граничните премини на земјите од Западен Балкан Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Македонија, Косово и Албанија.
Извештајот, за кој се разговараше на состаноците одржани како дел од Берлинскиот процес, покажа дека доколку просечното време потребно за минување на границата се скрати за три часа, колкава е разликата меѓу просечното време на чекање во Западниот Балкан и во земјите на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), БДП во секоја земја од Западен Балкан може да се зголеми за три проценти на среден рок. Беше посочено дека нивото на раст може да се зголеми за уште шест проценти со пристапувањето во ЕУ.
Дополнителен раст од 0,2 отсто би можеле да постигнат и соседните земји членки на ЕУ, како Романија, Унгарија и Бугарија, поради зголемениот обем на трговска размена со земјите од Западен Балкан. Светска банка веќе работи со партнерите за поедноставување на трговијата и на сообраќајот во регионот преку инвестиции и реформи.
– Ние најдобро ги чувствуваме овие статистики. Темата се влече со години, не функционираат ветените „зелени коридори“, ниту, пак, има дополнителни ленти за возачите да поминуваат без задржување. Ние како земја што е надвор од ЕУ, сме обиколени со гранични премини, на кои се чека со часови. Надлежните за транспортниот бизнис, забораваат дека возачите имаат специфично работно време, кое подразбира колку часови се вози, а колку се одмора. Вака како што е сега, времето за одмор поминува во стоење во место на границите и потоа мора да продолжи возењето, за да не се плаќаат пенали за задоцнетиот истовар. Дополнително и нашите соседи ја отежнуваат работата со забраните за поминување на поголеми камиони во населените места и со одредувањето на само еден граничен премин за поголемите камиони – објаснува за „Слободен печат“, Билјана Муратовска од „Макам транс“.
Голем проблем за македонските камионџии е што нашата земја нема потпишано билатерални договори за таканаречениот „Мобилити пакет“, кој на возачите во рамките на ЕУ им овозможува да возат од една во друга земја без никаков проблем.
-Така, на пример, една бугарска фирма може да вози на германска или на француска територија во текот на една недела. Преведено во рамките на Западниот Балкан, тоа би значело дека една српска фирма би можела да превезува стока на македонска територија и обратно, но сè додека сме надвор од ЕУ, тоа е невозможно. Ова е една од најголемите причини што возачите ни бегаат. Ем добиваат поголема плата, ем возат без граници – додава Муратовска.
Камионџиите се трета најбарана професија во ЕУ!
Последното истражување што пролетоска го објави Европската агенција за труд (ЕУРЕС) покажа дека професионалните возачи на камиони се на самиот врв на списокот кога станува збор за дефицитарни професии и се на трето место меѓу професиите во кои нема доволно работници.
Истражувањето за недостигот и вишокот на работна сила обезбедува податоци за пазарите на трудот во 27 земји од Европската Унија, како и Норвешка и Швајцарија. Анализата покажа дека најголем недостиг од работници има во градежниот сектор, бидејќи ѕидарите и столарите ги заземаат првите две позиции на листата, а на третото место се камионџиите. Кога станува збор за старосната структура, извештајот покажа дека само 9 отсто од возачите на камиони во ЕУ 27, Швајцарија и Норвешка се на возраст под 30 години.
Само околу еден процент од работната сила на овие позиции се жени. Извештајот, исто така, покажува дека околу 9 отсто од возачите на камиони доаѓаат од трети земји, додека нешто помалку од 7 отсто доаѓаат од други земји на ЕУ.