Во најновите прогнози, Светска банка предвидува раст од 2,6% на македонската економија годинава, 2,7% во 2026 година и 2,8% во 2027 година

Раст од 2,6 проценти  на македонската економија годинава, од 2,7 во 2026, а од 2,8 проценти во 2027 година, прогнозира Светска банка во редовниот економски извештај за Западен Балкан. Во однос на проекциите на СБ од лани, има зголемување од 0,1 процентен поен кај  македонскиот БДП за годинава, а намалување за 0,3 проценти поени кај проекцијата за следната година.

Во извештајот се наведува дека економскиот раст во Западен Балкан се проектира малку да забави во 2025 година како последица на послабата надворешна побарувачка и економската несигурност која произлегува од менувањето на глобалните трговски политики што би можело негативно да влијае врз бизнисите и довербата на потрошувачите.

Светска Банка предвидува дека комбинираниот економски раст на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија ќе достигне 3,2 проценти во 2025 година, што е за 0,5 процентни поени под претходните проекции. Растот се предвидува да забрза до 3,5 проценти во 2026 година.

Надолна коренција од 0,3 процентни поени за годинава има за албанската економија, за каде е проектиран раст од 3.2 проценти, кај БиХ и кај Црна Гора  исто така надолна корекција за по 0,5 процентни поени, со што растот во тие држави ќе изнесува 2,7  и 3 проценти. Во Косово ќе има реален раст на БДП за 3,8 проценти, а српската економија ќе има раст од 3,5 проценти.

Според претходните прогнози на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), растот на македонската економија  оваа и следната година ќе изнесува 3,2 проценти, со стапка на инфлација од  3,4, односно 2,2 проценти.