Светската банка ја зголеми прогнозата за растот на БДП на земјава за годинава од 3,6 отсто на 4,6 отсто. Причини за подобрената прогноза е растот од 5,2 отсто во првото полугодие, зголемената приватна потрошувачка, напливот од инвестиции и зголемената владина побарувачка во второто тримесечје.
Во извештајот за економиите на Европа и Централна Азија објавен синоќа, Светската банка дава прогноза за брз развој и зголемена конкуренција по повлекувањето на Ковид-19 пандемијата. За економијата на Северна Македонија се вели дека иако опаднала поради ударот од Ковид-19 во 2020 година, при што стапката на сиромаштија пораснала од 1 до 4 отсто, владините мерки за борба со неа помогнале и економијата го обновила развојот во 2021 година.
Се додава дека се зголемиле извозот и увозот, со поголем увоз на штета на трговскиот баланс. Од Светска банка забележуваат и раст на производството во сите сектори, со оглед на минатогодишната ниска стартна позиција. Најбрза обнова е забележана во трговијата, транспортот и туризмот, како и во фабричкото производството и информатичко-комуникациските технологии.
„Почетниот показател е заснован на претпоставката дека стапката на вакцинација ќе продолжи, нема да има понатамошни карантини, увереноста на потрошувачите и инвеститорите останува висока, а надворешната побарувачка продолжува“ се вели во извештајот на СБ.
Светска банка прогнозира развој и постепена стабилизација на македонската економија и во 2022 година со раст на БДП од 3,7 отсто, додека сиромаштијата да продолжи да се намалува во 2021 и годината потоа.