Светската банка досега определи повеќе од 1,4 милијарди американски долари за да им помогне на земјите во Европа и Централна Азија да ги ублажат последиците од пандемијата на Ковид-19.

Според соопштението на Светската банка, почнувајќи од 2 април, одобрени се нови проекти во вредност од 490 милиони американски долари.

Покрај тоа, до 925 милиони американски долари ќе бидат прераспределени, искористени или обезбедени од постојните проекти и заеми, вклучително и дополнително финансирање, за да им помогнат на овие земји да се борат против пандемијата.

Овие средства се користат за набавка на медицинска опрема, вклучувајќи комплети за тестирање, маски за кислород и респиратори, градење капацитети на здравствени системи, вклучително и обука на здравствени работници, како и за поддршка на социјалната заштита на најранливите групи погодени од пандемијата.

Исто така се наведува дека во текот на следните 15 месеци, Светската банка ќе обезбеди финансиска поддршка до 160 милијарди американски долари за да им помогне на земјите во Европа и Централна Азија за да ги заштитат сиромашните и ранливите граѓани, да ја поддржат економијата и да го забрзаат економското закрепнување, вклучувајќи и 50 милијарди американски долари од Меѓународното здружение за развој (ИДА) во форма на грантови или заеми по многу поволни услови.

Светската банка исто така објави дека Швеѓанката Ана Бјерде стана нова потпретседателка на Светската банка за Европа и Централна Азија на 1 мај. На оваа позиција, Бјерде ќе ги предводи стратешките, аналитичките, оперативните и едукативните активности на Светската банка во овој регион.