Нов аларм до Владата за дупката во ПИОМ. По фискалниот совет и од Светска банка сметаат дека треба да се зголеми старосната граница за пензионирање, придонесот за пензиско, но и да се укине сегашниот модел по кој два пати во годината се прави корекција на примањата на највозрасната категорија граѓани. Според, прогнозите на банката ако нешто не се преземе, за неколку години бројот на пензионери ќе го надмине бројот на вработени. Во извештај, дел од предлозите за намалување на дефицитот во фондот се потенцирани како точки на кои државата треба веднаш да им обрне внимание.
И од Фискалниот совет уште еднаш повторија – ако не се најдат средства за ПИОМ, ќе мора да се користат оние од буџетот. Тие го кажеле своето, сега е на ред Владата.
Од банката бараат и зголемување на ДДВ – то на 19 отсто, на данокот на добивка на 10 проценти и зголемување на данокот на имот. Сметаат и дека треба да се укине повластената стапка за сите стоки, освен за основните производи, но и да се направат корекции и кај акцизата.
Од УЈП пак уверуваат дека даночните приходи можат да се зголемат и без да се прави корекција кај даноците.
Со новиот буџет за идната година над 800 милиони евра од државната каса ќе се префрлат во ПИОМ за да може да работи. И покрај укажувањата дека нешто мора да се преземе да се стабилизира фондот, од Владата за сега не планираат да ја зголемуваат старосната граница, ниту пак да се менува придонесот.
Од банката предлагаат и елиминирање на тендерите каде има само еден понудувач, укинување на субвенциите за тутун, ревидирање на позитивната листа, но сметаат и дека е потребно деполитизирање на јавниот сектор.