Раст од 2,6 проценти на македонската економија годинава, 2,7 отсто во 2026, и 2,8 проценти во 2027 година, прогнозира Светска банка во Редовниот економски извештај за Западен Балкан, објавен денеска (28 април).
Во однос на проекциите на СБ од есента минатата година се забележува зголемување од 0,1 процентен поен кај македонскиот БДП за годинава, а намалување за 0,3 проценти поени кај проекцијата за следната година.
Во извештајот се предвидува дека економскиот раст во Западен Балкан малку ќе забави во 2025 година како последица на послабата надворешна побарувачка и економската несигурност која пак, произлегува од менувањето на глобалните трговски политики што би можело негативно да влијае врз бизнисите и довербата на потрошувачите.
Светска Банка предвидува дека комбинираниот економски раст на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија ќе достигне 3,2 проценти во 2025 година, што е за 0,5 процентни поени под претходните проекции. Растот се предвидува да забрза до 3,5 проценти во 2026 година.
„Забележуваме одредени позитивни економски трендови во Западен Балкан кои ја потенцираат отпорноста на регионот и треба да го поткрепат цврстиот економски раст. Пониската инфлација и растот на платите ја поддржуваат потрошувачката, а јавните инвестиции почнуваат да се зголемуваат“, вели во пишана изјава Шиаочинг Ју, директорка на Светска банка за регионот на Западен Балкан.
Надолна корекција од 0,3 процентни поени за годинава има за албанската економија, за каде е проектиран раст од 3.2 проценти, кај БиХ и кај Црна Гора исто така надолна корекција за по 0,5 процентни поени, со што растот во тие држави ќе изнесува 2,7 проценти, односно три проценти.
Кај Косово има пад на проекцијата за 0,1 процент со којшто БДП ќе изнесува 3,8 проценти, а кај Србија исто така пад но за 0,7 проценти и српската економија ќе има раст од 3,5 проценти.
Од друга страна, Ју потенцира дека е зголемена домашна несигурност во неколку економии во Западен Балкан.
Според Светска банка, глобалната трговска несигурност веројатно негативно ќе влијае врз Западен Балкан како резултат на забавувањето на економската активност во еврозоната. Ваквото забавување би можело да ја намали трговијата со стоки и услуги, како и инвестициите и дознаките.
Во извештајот се наведува дека за време на овие периоди на несигурност, диверзификацијата на изворите на раст и обновата на агендата на структурни реформи се најделотворните стратегии за одржување на економската отпорност.
Клучните мерки вклучуваат отстранување на пречките на пазарот на трудот, односно подобрување на регионалната економска интеграција, подобрување на стандардите за управување, како и зголемување на пазарната конкуренција за поттикнување на продуктивноста и поддршка на долгорочниот раст.
Освен тоа, посочува СБ, за земјите на Западен Балкан, побрзото спроведување на реформите за пристапување во ЕУ – како што се приклучувањето во Единственото подрачје за плаќање во евра (СЕПА) и воведувањето на „зелени ленти“ за рационализирање на прекуграничната трговија – би можело дополнително да ја подобрат довербата на бизнисите, да привлечат инвестиции и да го поттикнат создавањето на работни места.
Од неодамна и Северна Македонија стана дел од единствената зона за плаќање во евра (СЕПА).
Според Светска банка, шесте земји на Западен Балкан треба да дадат приоритет на реформирањето на системите за социјална заштита и услугите за вработување.
Ова, сметаат од Светска банка, ќе ѝ помогне на работната сила во секоја од овие земји да се справи со негативните временски прилики како што се поплавите, сушите и шумските пожари и да биде подготвена за нови можности за вработување чии главен двигател е зелената транзиција.
Деновиве пак, во својот најнов извештај, Меѓународниот монетарен фонд, наведе дека растот на македонската економија оваа и следната година ќе изнесува 3,2 проценти, со стапка на инфлација од 3,4, односно 2,2 проценти.
Веднаш потоа, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, оцени дека проекцијата на Владата за раст на економијата на земјава од 3,7 проценти е реална.
„Оваа криза која дава голема неизвесност ние како држава може многу да ја искористиме, во смисла на префрлање на капацитетите од европските земји. Капацитетите во европските земји ќе се затвораат и понатаму, затоа што царините значат повисоки набавни цени и на тој начин европскиот пазар ќе бара алтернативи за отворање капацитети онаму каде што ќе имаат на некој начин поевтина работна сила. Иако во земјава веќе не е евтина работната сила, но е сепак на пониско ниво од европската. Оттука мислам дека проекцијата од 3,7 проценти е реална“, рече Димитреска-Кочоска.
Од Владата велат уверуваат дека остануваат посветени на поттикнување на динамично економско опкружување и создавање можности за натамошен раст. Владината портпаролка Марија Митева неодамна изјави дека македонскиот бруто-домашен производ (БДП) забележал раст од 3,2% во последниот квартал од 2024 година, со што вкупниот раст на БДП за целата мината година достигнал 2,8 проценти.