Организацијата „Глобален финансиски интегритет“ (Global Financial Integrity – GFI) документирала голем број случаи во меѓународни рамки на „трговски малверзации“, кога увозниците или извозниците намерно претставуваат лажна декларирана вредност на стоките на фактурите и уплатниците што ги испраќаат на царинските власти, пренесе Мета.мк.
Со ова, компаниите се користат за нелегално префрлање пари преку границите, избегнување даноци и/или царински давачки, перење пари стекнати со криминал, избегнување на монетарните контроли или сокривање на профитите на офшор сметки. Со „набивање“ или „издушување“ на вредностите на стоките за увоз или извоз, трговците незаконски префрлаат пари преку границите во меѓународни рамки, преку нивно сокривање во редовни трговски исплати во меѓународниот трговски систем.
За анализата на ГФИ се користени податоците за меѓународните тргувања објавени од Организацијата на обединетите нации (ООН), анализирани за да се дојде до податоци за нелегално тргнување. Опфатен е период од десет години и 134 земји за коишто има податоци во базата на податоци Comtrade на ООН, односно периодот 2009-2018.
Според индексот, Северна Македонија е на 88-то место, односно од 493 поени во 2009, „дотуркала“ до 1.296 поени во 2018.
Вкупно, во сите 134 земји, во овој период се „испрале“ 1,6 билиони (илјади милијарди) американски долари, односно толку изнесува јазот помеѓу трговијата на 134 земји со сите нивни глобални партнери.