Поради драстичното зголемување на бројот на заразени со корона вирусот во Кина, се појавија големи проблеми во поморскиот сообраќај на приодите кон едно од најважните светски пристаништа – Шангај. Овие проблеми се закануваат да предизвикаат верижна реакција и да се шират низ цел свет.
Од март 2022 година во Шангај се забележани повеќе од три милиони заразени со вирусот, па во градот е воведен „супер карантин“ поради што на приодите кон пристаништето чекаат дури 470 товарни бродови, пренесуваат светските медиуми.
Бродовите мора да се редат пред пристаништето откако властите воведоа „заклучување“ во градот со цел да го контролираат ширењето на корона вирусот. Поради бавното работење на најпрометното пристаниште во светот, погоден е глобалниот синџир на снабдување.
Сликите од веб-страницата „Marin Traffic“, која ги следи моменталните позиции на пловните објекти во меѓународните води, ја покажуваат неверојатната гужва што се создала во водите околу кинеското пристаниште.
Товарните бродови во транзит се претставени со зелени точки на сликата, додека танкерите се претставени со црвено.