Светските цени на храната нагло пораснаа во октомври и сега се највисоки во изминатата година и половина, или од април 2023 година, објави Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) во својот најнов извештај. Светскиот индекс на цените на прехранбените производи за октомври изнесува 127,4 поени, што претставува зголемување од два отсто во однос на септемвриските 124,9 поени, соопшти ФАО, објави Политика. Резултатот е последица на растот на индексот во сите категории освен месото, бидејќи е забележан истовремен пораст на цените на растителните масла, шеќерот, млечните производи и житариците.

Индексот на цените на растителното масло се зголеми за дури 7,3 отсто месечно на 152,7 поени и сега е највисок од ноември 2022 година. Меѓународните цени на палминото масло се зголемија петти месец по ред, а цените на сончогледот и маслото од соја исто така пораснаа. Вредноста на индексот на цените на шеќерот порасна за 3,3 отсто месечно и сега е највисока во последните седум месеци поради загриженоста за сувото време во Бразил што ги влошува изгледите за културата на шеќерна трска, објави Бета.

Просечната вредност на индексот на цените на млечните производи се зголеми за 1,9 отсто месечно, особено поради растот на цената на сирењето, а вредноста на индексот на житарките за 0,8 отсто. Спротивно на тоа, месечниот индекс на цените на месото падна за 0,3 отсто, најмногу поради падот на цените на свинското месо, се вели во најновиот извештај на ФАО, кој ги загрижи аналитичарите кои посочија дека е тешко да се предвидат идните настани. Покрај оправданите фактори, на турбуленциите на пазарот на храна делумно влијаеја и изборите во Америка, нестабилноста на берзите и очекувањето каква политика за субвенционирање на земјоделството ќе донесе новоизбраниот претседател Доналд Трамп.