Вкупните економски загуби од природни и човечки катастрофи се намалени од 176 милијарди американски долари минатата година, на околу 140 милијарди американски долари во 2019 година.
Според првичните проценки од „Свис Ре Институт“, од нив осигурани се околу 56 милијарди долари, што е под десетгодишниот просек (75 милијарди долари) и е намалување во однос на 93-те милијарди американски долари од 2018 година. Тропските циклони од втората половина на 2019 година ги зголемија вкупните загуби во осигурувањето по релативно „мирната“ прва половина на 2019 година. Како и во последните години, бројот на мали и средни несреќи кои создаваат загуби (т.н. секундарни опасности) претставуваат повеќе од 50% од осигурените загуби. На глобално ниво, повеќе од 11.000 луѓе загинаа или исчезнаа во катастрофалните настани од 2019 година.
Поголем дел од вкупната штета отпаѓа на природните катастрофи, кои предизвикале загуби од 133 милијарди долари. Ова е намалување во однос на 2018 година, кога штетите од овие настани били 166 милијарди долари.
Климатските промени водат кон сѐ почести настани кои се манифестираат на различни начини. Ова се, на пример, големи локални поплави, поројни дождови, продолжена суша, силни пожари и други екстремни временски настани. Извештајот на швајцарската компанија наведува дека најновата наука сугерира по диференцирана слика за влијанието на климатските промени врз осигурителната индустрија.
„Постојат повеќе научни докази дека климатските промени влијаат на фреквенцијата и сериозноста на секундарните опасности денес, што бара поголем фокус на истражување. За основните опасности како тајфуните, науката е далеку помалку убедлива “, вели Мартин Бертогг, раководител на секторот за управување со катастрофи во „Свис Ре Институт“. „Покрај тоа, факторите на макро-ризик, како што се рапидно растечкото население и вредностите на средствата во изложените подрачја, придонесуваат за зголемување на загубите што произлегуваат од природни непогоди ширум светот, со што искуството од минатото не е добар предиктор за идните загуби“.