Годишниот извештај за богатството на глобално ниво, вели дека Лондон изгубил 11.300 милионери само минатата година, од кои 18-мина со најмалку 100 милиони долари на своите сметки, како и двајца милијардери. Истражувањето спроведено од „Њу ворлд велт“ (New World Wealth) за консултантската фирма „Хенли енд партнерс“ (Henley & Partners), го дефинира богатството како: средства што може да се инвестираат во ликвидност, што значи готовина, обврзници и акции, но го исклучува имотното богатство.

Проценката беше спроведена пред неодамнешниот пад на берзата што уследи по објавувањето на царините од страна на американскиот претседател Доналд Трамп.

Според последните податоци, Лондон е еден од двата града меѓу првите 50 најбогати во светот, коишто сега имаат помалку богати луѓе отколку пред 10 години. Другиот е Москва.  Лондон изгуби вкупно 12 отсто од своите најбогати жители од 2014 година до лани, при што падот им се припишува на зголемувањето на даноците, Брегзит и падот на вредноста на фунтата. Москва изгуби 25 отсто од своите најбогати жители, што се проценува дека најмногу се должи на руската инвазија на Украина во 2022 година.

Меѓутоа, во апсолутни бројки, Лондон го напуштиле 30.000 богаташи за 10 години, а од Москва си отишле 10.000 милионери.

Париз, од друга страна, бележи зголемување на бројот на милионери во истиот период, со зголемување од пет отсто последниве 10 години.