Дури 97 проценти од производството, „Таб Мак“ – Пробиштип го пласира на странскиот пазар главно на европскиот, а од разговорите со менаџментот добивме информација која дава мотивација дека состојбата во секторот е стабилна со тенденција за натамошен раст и развој, порача премиерот Димитар Ковачевски по посетата на оваа компанија.

Ковачевски истакна дека и во услови на пандемија кога имаше затворање и ограничување на производството, во „Таб Мак“ не е намален бројот на вработените, туку напротив, е зголемен. Оваа компанија произведува акумулатори за сите видови возила и за виљушкари.

-Оваа година, како и во претходните, компанијата влегува во нов инвестициски циклус од 15 милиони евра. Тоа ќе овозможи значителен раст на производството на три милиони стартер акумулатори и 400 илјади фракциски ќелии што е раст од 100 проценти во однос на 2019 година. „Таб Мак“ е една од компаниите која ги користи можностите од Законот за финансиска поддршка и мерките од Планот за економски раст со кои досега се поддржани повеќе од 150 компании кои инвестираат во нови производствени погони, опрема и производи, рече Ковачевски.

То посочи дека извозните компании покрај намалување и укинување на царинските стапки на располагање е финансиската поддршка за извозни компании преку Развојната банка при што се работи за евтини кредитни продукти за компании кои најголемиот дел од своето производство го извезуваат.

-Владата ги охрабрува во амбициите да го зголемат производството, да извезуваат, да отвораат нови работни места. Во услови на пандемија донесовме и имплементиравме шест пакети антикризни мерки коишто беа со проценета и имплементирана вредност од 1,2 милијарди евра при што тие мерки беа насочени и во компании како што е оваа и беа сочувани над 80 илјади работни места, а беа поддржани преку 20 илјади компании во време на големата пандемиска криза. Тоа само ја потврдува определбата на Владата за одговорно владеење и грижа за стандардот на граѓаните и за унапредување на економијата, нагласи Ковачевски.

Премиерот потенцираше дека во услови на глобална криза брзо и навремено се донесени пакет мерки во вредност од 400 милиони евра за да се амортизираат притисоците врз стандардот на граѓаните и да се обезбеди ликвидност на компаниите. Обезбедено е и непречено снабдување со струја.

-Исто така ја зголемивме и минималната плата, веќе 80 илјади вработени наши сограѓани работници во различни дејности и индустрии земаат 18 илјади денари минимална плата, а дополнително државата го субвенционира делот за придонеси. Од податоците за оваа компанија, платите овде во просек се поголеми од просечната плата во државата што е за поздравување, а исто така на сите вработени им се на располагање и дополнително исклучителни важни бенефиции, а тоа е покривање на трошоци за здравствени потреби за доколку за тоа не дај боже се јават потреби и исто така и покривање на дополнителни финансиски средства на крајот на годината што навистина се работи за едно добро управување со човечките ресурси во компанијата, рече Ковачевски.

Тој истакна и дека благодарение на овие политики продолжува да се намалува стапката на невработеност. Во првите три месеци од годинава стапката на невработеност, посочи, е падната на сега веќе нов историски минимум од 14,8 проценти за разлика од претходниот квартал кога беше 15,2 проценти.

– Придонес во ова намалување на невработеноста има и „Таб Мак“ која минатата година во време на криза отвори 90 работни места и сега вработува над 500 инженери и стручни лица од Пробиштип, но и од други градови од регионот, како Кратово, Свети Николе. И инженери од Скопје работат во оваа фабрика. Тоа е многу значајно за поддршка на локалната заедница, но и за учество во вкупниот раст на економијата во земјата, подвлече премиерот Ковачевски.

Премиерот во Пробиштип беше придружуван од вицепремиерот Фатмир Битиќи, како и од министрите за земјоделство и за транспорт и врски, Љупчо Николовски и Благој Бочварски.