Сите 10 откупувачи на тутун ги отворија вратите за преземање на реколтата. Досега се откупени нешто повеќе од 100 тони со просечна цена од 370 денари за килограм. Родот годинава се проценува на 16.000 до 17.000 тони тутун и е со добар квалитет…
Иако крајниот законски рок е до 15-ти декември, сите 10 монополи кои пројавија интерес и склучија договори со тутунарите ги отворија вратите за преземање на реколтата.
Досега во земјава се откупени преку 110 тони тутун со просечна цена од околу 370 денари, велат од Сојузот на тутунските здруженија. Со отворањето на пунктовите на Прилепскиот тутунски комбинат се очекува интензивирање на откупот. Годинашнава реколта се проценува на 16.000 до 17.000 тони тутун и е со добар квалитет.
Со откупувачите се склучени околу 30.000 договори за производство од 26.000 тони тутун. Сепак, проценките се дека има многу помалку, односно околу 17.000 тони.
Најавено е и зголемување на бројот на откупните ваги, кои се планираат да бидат 320. Тутунарите бараат повисоки откупни цени во споредба со ланските кои беа 375 денари за прва, 300 за втора и 260 за трета класа откупен тутун.
Дел од комбинатот веќе се изјаснија дека се подготвени да им доплатат на производителите доколку се постигне договор за зголемување на цената на тутунот.