Телешката кртина се продава по цени недостижни за најголемиот дел од граѓаните. Одамна ова месо не е дел од секојдневната исхрана, но со новите цени од 700 до над 1.000 денари, стана луксуз.
Телешката кртина достигна цена од над илјада денари, јунешкото се продава од 700 до 800 денари. За најголем дел од граѓаните телешкото е луксуз кој не можат да си го дозволат. Ги прашавме кога последен пат купиле телешко месо.
За домашните производители, малопродажните цени не се оправдани, бидејќи откупната цена со години е непроменета.
Анализите на Асоцијацијата на земјоделци покажуваат дека над 70 насто од свежото телешко месо кај нас е увезено и високите цени се резултат на зголемените трошоци за увоз. Велат вака ќе биде сè додека не се зголеми домашното производство.
Но, бројот на крави и говеда е во постојан пад. Заводот за статистика објави дека за 15 години бројот на говеда опаднал за повеќе од 100.000 грла.