„Оставка“, „Готов си“, Апаши“, „Оди си, Заев“ беа само дел од пораките на земјоделците и сточарите кои со трактори и приколки, од трговскиот центар Мавровка, па потоа пред Владата протестираа, а како причина беше наведена ненавремената исплата на субвенциите и нецелосно исполнување на барањата испорачани пред една година.
Тензична ситуација настана кога полицијата не им дозволи и им ги одзеде производите на демонстрантите за да не ги однесат пред Влада, па тие ги истурија пред мостот „Гоце Делчев“.
Демонстрантите изјавуваа дека протестот не е организиран и поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, како што тврдат од владејачката СДСМ. Еден од сточарите го повика премиерот Зоран Заев „да дојде да чува овци и да живее на планина со толку малку пари, за да види како тоа изгледа“. Тој изјави дека биле под голем притисок од актуелни политичари да не излегуваат на протести.
Тие на премиерот и на министерот за земјоделство им дадоа рок од седум дена за да седнат на маса и да разговараат за решавање на најважните прашања за средување на состојбите во земјоделството, во спротивно најавуваат масовни протести.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска изјавија дека според динамиката за исплата, се подготвуваат решенијата за исплата на субвенцијата за откупена пченица од домашно производство од родот 2018 година, за што во ребалансот се проектирани 40 милиони денари.
Од СДСМ изјавија дека на „наводниот протест” на земјоделците, освен партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ, речиси изостанале вистинските земјоделци.