Расположението во германската автомобилска индустрија дополнително се влоши и се повеќе компании размислуваат за отпуштање работници, се вели во декемврискиот извештај објавен денеска од минхенскиот институт за економски истражувања IFO.

Индикаторот за мерење на деловното расположение во германската автомобилска индустрија падна од минус 32,4 поени во ноември на минус 34,7 поени во декември, првенствено поради влошените очекувања за иднината.

Вредноста на показателот што ја оценува тековната деловна состојба благо се зголеми од минус 33,8 на минус 32,3 поени, но вредноста на индексот што ги мери деловните очекувања на компаниите во претстојниот шестмесечен период падна од минус 30,9 на минус 37,1 поени.

Резултатите укажуваат дека германската автомобилска индустрија западнала во уште подлабока криза, коментира експертот за индустријата IFO, Анита Волф.

Многу компании од автомобилската индустрија ги оценија нивните заостанати нарачки како недоволни за целосно искористување на нивните производствени капацитети.

Компаниите не сметаат на позитивен поттик од бизнисот со странство, бидејќи вредноста на индексот што ги мери очекувањата за извозот падна од минус 19,1 поени во ноември на минус 20,3 поени.

Кризата во германската автомобилска индустрија влијае и на побарувачката на работна сила, па се повеќе компании размислуваат за отпуштање вработени, додава Волф.