Извршниот директор на Тесла, Илон Маск, денес изјави дека овој производител на електрични автомобили е близу до воспоставување присуство во Русија и размислува дали може да отвори фабрика во таа земја.
Обраќајќи се на едукативен форум во Москва преку видео врска, Маск рече дека компанијата веќе има фабрики во Кина и САД, но дека сака да отвори производствени капацитети и во други делови на светот, пренесува Ројтерс.
Тој изјави дека сите видови на транспорт ќе бидат електрични во иднина, освен ракетниот транспорт и дека ќе гледаме на автомобилите со внатрешно согорување на ист начин како и поранешните мотори на пареа.
Американскиот милијардер додаде дека воопшто нема сомнеж дека возилата во иднина ќе бидат автономни, односно со самостојно управување.
Тој исто така повика на дијалог меѓу Вашингтон и Москва во време кога според Ројтерс нивните билатерални односи се на најниско ниво од Студената војна.
„Во Русија има многу талент и енергија и мислам дека треба да има повеќе дијалог и комуникација меѓу Русија и САД“, рече Маск.