Да продолжи трендот на намалување на каматните стапки, посебно на каматите за кредитите за компаниите, порачува министерот за финансии Драган Тевдовски. Откако Народната банка вчера ја намали основната каматна стапка со што би се олабавила монетарната политика министерот за финансии Драган Тевдовски вели дека парите во Македонија никогаш не биле поевтини.
Очекува дека банките ќе го следат импулсот и ќе пласираат повеќе евтини кредити и за фирмите и за граѓаните со што ќе се поттикне растот на економијата. Според Тевдовски кредитирањето на бизнисот во првите девет месеци годината има раст од 5,5 отсто што не се случило во изминатите десетина години.
„Наш приоритет е да се зајакнат капацитетите на приватниот сектор односно да има поевтини извори на кредитирање, да има подобра деловна клима и секако тоа што вчера го направи Народната банка е чекор во таа насока“, рече министерот Тевдовски.
Народната банка вчера ја намали основната каматната стапка за 0,25 процентни поени, односно од 2,75 на 2,50 отсто.
Овие повици и конкретни акции за намалување на каматите се со цел поголемо финансирање на економијата од страна на банките и заживување на коњуктурата на економијата.