Министерството за финансии напорно работи на реформи во системот на јавните финансии, кои во нашиот систем ги внесуваат европските стандарди, рече министерот за финансии Драган Тевдовски, во експозето на Предлог завршната сметка за Буџетот за 2017 година во рамки на 53. седница на Собранието на Република Македонија.
Тевдовски појасни дека Програмата за реформи за 2018-2021 година, изработена со ЕУ, содржи акциски план за реформи на сите важни елементи на системот на јавните финансии, почнувајќи од воведување среднорочно буџетирање, нов систем за јавни набавки, фискален совет, нов закон за јавен долг, фискална транспарентност и подобрувања во УЈП и Царина. До крајот на годината Министерството за финансии планира да ја воведе и платформата Отворени финансии со која граѓаните ќе имаат увид во исплатите од Трезорот.
Министерот за финасии потсети дека новата Влада започна со работа од средината на минатата година година со затекнат Буџет структуиран од претходната Влада, негативен економски раст од 0,7 отсто во првиот квартал годинава, наследен брзорастечки јавен долг, заедно со сериозни обврски за плаќање во следните години.
– Во второто полугодие од 2017 година економскиот раст премина во позитивна зона, со стапка на раст од 0,7 проценти, потрошувачката се зголеми за два процента, извозот на стоки и услуги продолжи да расте со посилна динамика во однос на претходната година и забележа раст од 9,2 процента на реална основа, а подобрена е и структурата на извозот, со раст на учество на производи со повисока додадена вредност, рече Тевдовски, дополнувајќи дека стапката на инфлација од 1,4 проценти во минатата година била резултат на повисоките цени на горивата, согласно движењата на светските пазари, зголемените цени кај тутунот и комуникациите.
Бројот на вработени лани се зголемил за 2,4 проценти во однос на 2016 година,просечната стапка на вработеност достигнала 44,1 процент, а стапката на невработеност се намалила на 22,4 проценти, Движењата во тековната сметка на билансот на плаќања во 2017 година резултирале со низок дефицит од 1,3 проценти од БДП, кој, укажа министерот, е преполовен споредено со 2016 година, и е помал од проектираниот.
Реализацијата на приходите, како што рече Тевдовски, била во рамки на проекциите, а расходите се извршувале редовно и навремено. Имајќи ги предвид остварените макроекономски и фискални таргети, Република Македонија одржа стабилна фискална позиција.
Вкупните приходи на Буџетот на Република Македонија во 2017 година биле повисоки за 10,37 милијарди денари, или за 6,1 процент во однос на 2016 година, а вкупните расходи во износ од 196,561 милијарди денари.
Со ребалансот од август 2017 биле скратени непродуктивни трошоци, трошоци за реклами, патни трошоци и репрезентација, и слично, и но и овозможени мерки за подобрување на животниот стандард на граѓаните или поддршка на претпријатијата, како зголемувањето на минималната плата, на парите за активните мерки за вработување се зголемија. Беа обезбедени и средства за решавање на материјалното обезбедување на стечајните работници кои дотогаш не беа опфатени со постојните законски решенија.
– Капиталните расходи се реализирани на историско највисоко ниво во износ од 19,863 милијарди денари, за 2,89 милијарди денари повисоки во однос на реализацијата во 2016 година. Буџетскиот дефицит, пак, е реализиран во износ од 16,855 милијарди денари или 2,7 проценти од БДП. Тоа е за 1,712 милијарди денари помалку од проектираното со буџетот., рече Тевдовски.
Тој ги претстави и преземените мерки за подобрување на состојбата во јавните финансии, во делот на транспаретноста, а нагласи и дека Министерството за финансии успешно управувало со наследениот јавен долг, кој првпат после девет години како процент од БДП бил намален. Биле исплатени и дел од доспеаните, а неплатени обврски, оставени од претходната власт, а го подобриле и повратот на ДДВ за фирмите.
По завршувањето на општиот претрес за Предлог завршната сметка, претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина 53. седница и најави нејзино продолжување за понеделник кога треба да се обезбеди кворум за гласање за претходните точки за кои се расправаше. Најголем дел од расправата на денешната седница беше за разрешување на претседателот и членовите на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Пратениците од опозицијата обвинија дека целта е да се разрешат досегашните членови за да се постават нови, партиски членови блиски до власта, за, како што рекоа, Комисијата да ги покрива незаконските процедури и постапки што ќе ги направи Владата. Пратениците од власта, пак, оценија дека опозициските пратеници ја одолговлекуават расправата за да не се расправа за измените на Изборниот законик. Потенцираа дека предлогот е законски и оти не се прекршува собранискиот Деловник, како што обвини опозицијата.
На денешната седница беше изгласана и Декларација за поддршка на членството на Македонија во НАТО.