Crowdfunding е една од новите алатки за финансирање. Треба да се развива оваа можност која зема замав во светот и во Европа. Ние сме подготвени да создаваме регулатива по примерот на Хрватска и Словенија, најави министерот за финансии, Драган Тевдовски во рамките на годишната конференција на Македонска Берза.

Министерот во своето излагање ги посочи и новите закони за пазарот на капитал. Целта на законите е нивно усогласување со ЕУ регулативите. Новите закони се разгледувани и од страна на Советот за развој на капитал.

 

– Подготвуваме нова регулатива за пазарот на капитал. Постојниот Закон за хартии од вредност ќе биде заменет со два нови закони: Закон за пазарот на хартии од вредност и Закон за понуда и издавање на хартии од вредност. Ќе се овозможи воспоставување на нови пазарни сегменти и нови финансиски инструменти. Во таа смисла, брокерските куќи ќе имаат можност да организираат сопствени пазарни сегменти, односно платформи за тргување со хартии од вредност под правила донесени од самите брокерски куќи, а на пазарот ќе може да се тргува и со стокови деривативни инструменти и други структурни финансиски инструменти. Со тоа ќе се влијае на зголемена конкуренција помеѓу учесниците на пазарот, намалување на трошоците за тргување и поголема ликвидност на пазарот на капитал, најави министерот Тевдовски.

На прашањето дали се очекува сериозен позитивен пресврт во делот на придвижување на економијата во нагорна линија Тевдовски вели дека бројките покажуваат дека Македонија влегува во позитивна насока. Индустриското производство во првите три месеци од 2018 година забележа раст од 5,2%, бројот на работници во индустријата во првите два месеца порасна за 6,1%, извозот на стоки во првите два месеца забележа висок раст од 24%.

“Очекуваме проекцијата од 3,2% раст на БДП годинава да се реализира. Системските политики се насочени кон отворање на нови и подобро платени работни места, поттикнување на инвестициите како домашни, така и странски, поттикнување на соработка помеѓу домашните и странските компании, прогрес во евроатланските интеграции. “, вели тој.