Растот на платите и проектите за локален развој беа една од темите во фокусот на денешната средба на министерот за финансии Драган Тевдовски со граѓаните и стопанствениците во Демир Хисар.
„Ја зголемивме минималната плата на 12 илјади денари. Ги зголемивме платите пет проценти во образованието и здравството. 10 проценти им се зголеми платата на припадниците на АРМ. Направивме целосна системска реформа за социјална и детска заштита, која треба да ги извлече граѓаните од сиромаштија. Со влезот во ЕУ и НАТО животниот стандард значително ќе се подобри. Ќе се обезбедат поголеми фондови за патишта, за образование, за болници“, порача Тевдовски.
Тевдовски информира дека ќе почне изградбата на патот Битола-Демир Хисар, а ќе се објави и тендер за проектирање експресен пат Битола-Меџитлија.
„Преку проектот за подобрување на општинските услуги на Светската банка изграден е и локален пат Обедник-Смилево до манастирот. Со изградбата на патот се подобрува локалната економија. Им се помогна на 500 жители кои собираат шумски плодови. Се зголеми и локалниот тузирам. Сега 1.500 посетители на манастирот имаат полесен пристап. Преку проектот МСИП во финална фаза е постапката за одобрување набавка на 4 минибуси за превоз на ученици“, рече Тевдовски.