Врховниот суд ја поддржа забраната на ТикТок во САД од безбедносни причини ако кинеската компанија „Бајтденс“ не ја продаде апликацијата до недела. Деветтемина судии едногласно одбија да ја спасат платформата што ја користат половина од Американците.

Законот за забрана на ТикТок беше усвоен со големо двопартиско мнозинство во Конгресот минатата година и беше потпишан од претседателот Џо Бајден. Врховниот суд сега заклучи дека законот не го прекршува Првиот амандман од американскиот устав, кој се однесува на заштитата на слободата на говорот.

„Нема сомнение дека ТикТок за повеќе од 170 милиони Американци е карактеристичен и широк начин на изразување, средство за ангажирање и извор на заедница. Но, Конгресот утврди дека неговата продажба е неопходна за да се отстранат добро втемелени грижи за националната безбедност во врска со практиките на собирање податоци и односот на ТикТок со странски противник“, соопшти Врховниот суд.

Белата куќа кажа дека претседателот Бајден нема да преземе акција за да го спаси ТикТок пред да истече крајниот рок за продажба в недела, ден пред Доналд Трамп да стане претседател.

„ТикТок треба да им остане достапен на Американците, но само ако е во американска сопственост или во друга сопственост што е во согласност со националната безбедност“, изјави портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, додавајќи дека спроведувањето на законот ќе ѝ остане на следната влада.

Кинеската влада има „златен удел“ во компанијата „Бајтденс“, која го поседува ТикТок, што, според САД, ѝ дава моќ врз оваа социјална мрежа. ТикТок во повеќе наврати има кажано дека не планира да го продаде својот бизнис во САД.