Земјава атрактивна за јапонските инвеститори, ТИРЗ и Министерството за економија на Јапонија со заеднички иницијативи за засилена соработка.
Македонија нуди атрактивни услови за јапонските инвеститори, особено за компаниите кои работат во делот на ИТ и напредните технологии. Ова го истакна помошникот министер за економија на Јапонија и генерален директор на Директоратот за трговски политики Матсуо Такехико на средбата со директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски во Токио.
Деспотовски и Такехико, како што информира ТИРЗ, ја нагласиле важноста од засилување на економските односи меѓу двете земји, а разговарале и за конкретни иницијативи за соработка.
Јапонскиот помошник министер нагласил дека е многу значајно зајакнувањето на економската соработка меѓу земји кои делат заеднички вредности како Македонија.
-Јапонија има огромен економски и инвестициски потенцијал и може да стане важен партнер за забрзан раст на Северна Македонија. Разговаравме за конкретни програми кои ги нуди министерството за поддршка на инвестиции на јапонски компании во странство како и програми за обука на наши менаџери низ која веќе поминаа над 200 менаџери на македонски мали и средни компании. Тоа е потенцијал кој треба да се искористи, нагласил Деспотовски.
Според ТИРЗ, Деспотовски се враќа од Јапонија со конкретни планови за економска соработка и поттикнување јапонски компании да инвестираат во Македонија. Тој во рамки на посетата имал средби и со првите луѓе на Јапонската агенција за развојна соработка, Јапонската асоцијација на производители на автомобилски компонети, Јапонската стопанска комора и Јапонската асоцијација на нова економија.
-Од овие средби произлегоа конкретни планови за економска соработка и поттикнување на јапонски компании да инвестираат во Македонија, истакнал Деспотовски.
Тој упатил и посебна покана до јапонскиот министер за економија да дојде во официјална посета на земјата следната година во рамки на активностите за одбележување на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.
Деспотовски е во неколкудневна посета на Јапонија организирана во соработка со Јапонската амбасада во Македонија со цел презентација на инвестициските можности во земјава. Предвидени се средби со неколку јапонски комори, бизнис асоцијации, компании и државни институции.
-Целта е да ја презентираме нашата земја и можностите за инвестиции пред повеќе јапонски компании и институции. Првичните разговори се охрабрувачки и веќе се отвораат можности за соработка на повеќе нивоа, потенцира директорот на ТИРЗ.