Преокупирана со миграцијата и со војната во Украина, германската економија поради одредени познати причини тивко се распаѓаше. Економската слабост ги поттикна стравувањата кај водечките политички субјекти во Германија дека земјата, поради тоа, може да доживее натамошно скршнување во политички крајности. Коалицијата на канцеларот Олаф Шолц, попречена од уставните ограничувања за трошење (што ѝ оневозможуваат на владата да преземе амбициозни економски стимулации), е оптоварена со внатрешни конфликти и се чини дека остана без идеи што да прави.

Соочување на германската економија со тешка реалност

Последните прогнози на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја соочуваат Германија со реалноста, односно со длабоката економска неволја во која се наоѓа. Германија веќе не може да ги негира сопствените економски тешкотии, откако со години затвораше очи пред јасно видливите проблеми.
Европското издание на магазинот „Политико“ многу сликовито ја опишува оваа состојба на германската економија пишувајќи дека „на виделина излегуваат четворицата коњаници на германската економска апокалипса: егзодус на големата индустрија, брзото влошување на демографската слика, инфраструктурата во распаѓање и недостигот од иновации“.
Додека Германците последниве години беа преокупирани со миграцијата и со војната во Украина, нивната економија тивко се распаѓа, а економската слабост ги поттикнува стравувањата дека земјата може да доживее натамошно скршнување во политички крајности. Коалицијата на канцеларот Олаф Шолц, попречена од уставните ограничувања за трошење, што ѝ оневозможуваат на владата да преземе амбициозни економски стимулации, е оптоварена со внатрешни конфликти и се чини дека остана без идеи што да прави, наведуваат светските медиуми.

ММФ: Се очекува натамошна стагнација на германската економија

Се очекува германската економија годинава да стагнира, објави завчера Меѓународниот монетарен фонд, намалувајќи ја својата прогноза за најголемата европска економија, додека се очекува раст во сите други земји од Г7. ММФ предвидуваше раст од 0,2 отсто за Германија во своите претходни прогнози.
– На геополитичката сила ѝ е потребна економска сила, затоа сум загрижен со оглед на економската ситуација на Европската Унија и особено на мојата земја. Во моментов не сме толку успешни како што треба и како што бевме порано во ЕУ – изјави германскиот министер за финансии Кристијан Линднер во Њујорк, пред да отпатува в среда во Вашингтон на годишните состаноци на ММФ и на Светската банка.
Оваа надолна ревизија на ММФ следува по прогнозите на германската влада за намалување на економијата од 0,2 отсто, откако претходно беше очекуван раст од 0,3 на 0,2 отсто.
Германската економија веќе беше најслаба меѓу другите големи економии од еврозоната и другите земји од Г7 минатата година, со пад од 0,3 отсто на бруто-домашниот производ.
За 2025 година, ММФ прогнозира дека германската економија ќе порасне за 0,8 отсто, откако претходно предвидуваше раст од 1,3 отсто. Во меѓувреме, економијата на еврозоната се очекува да порасне за 0,8 отсто годинава и 1,2 отсто в година.
Постојаната слабост во производството изгледа ќе влијае на растот на земјите како Германија и Италија, наведува ММФ во својот извештај. Побарувачката за германските индустриски стоки продолжува да слабее, покажаа најновите податоци за индустриски нарачки.
Додека се очекува Италија да има корист од Националниот план за закрепнување и отпорност на ЕУ, Германија доживува оптоварување од фискалната консолидација и остриот пад на цените на недвижностите, додава ММФ.
Се очекува инфлацијата во Германија годинава да падне на 2,4 отсто од 6 отсто минатата година и да се намали 2 отсто идната година. Е.Р.


Германските неуспеси во континуитет во последните децении

Германскиот министер за економија Роберт Хабек неодамна потврди дека бруто-домашниот производ (БДП) на земјата ќе се намали втора година по ред и ја обвини продлабочената слабост на економијата за „неуспесите во последните децении“.
Германската влада очекува економијата да се намали за 0,2 отсто годинава, откако претходно предвидуваше раст од 0,3 отсто, изјави Хабек за новинарите.
Хабек не ја припишува економската слабост на Германија на политиките на трипартиската владејачка коалиција, туку на долготрајните структурни проблеми што се „вградени“ во економијата со децении, односно на недостигот од инвестиции во инфраструктурата и недостигот од квалификувана работна сила.
Економските проблеми на Германија излегоа на виделина во септември, кога производителот на автомобили „Фолксваген“ соопшти дека размислува за затворање на домашните фабрики, откако производителот на чипови „Интел“ одлучи да ги прекине плановите за изградба на фабрика вредна 30 милијарди евра во Германија. Е.Р.