Министерството за земјоделство работи на нов Закон за продажба на државно земјоделско земјиште со што ќе се овозможи сопственици да станат и странски компании. Најавата ја даде премиерот Зоран Заев, а тоа мина релативно тивко и без бројни коментари од опозијата и стручната јавност. Дали продажба на земјиште, за кое тапијата ја има државата, не е во согласност со државните интереси, дали може да биде вовед во нарушување на суверенитетот на земјата? Од Министерството за МКД.мк велат дека за странски правни лица ќе бидат воведени строги ограничувања.

Во Министерството за земјоделство се пишува нов закон кој ќе им овозможи и на странски компании да влезат со свој капитал и да станат сопственици на земјиште со кое располага државата, потврдија за МКД.мк од Министерството, не откривајќи повеќе детали за условите кои би требало да се исполнат,а да не бидат загрозени државните интереси. Во голем број од земјите членки на Европската Унија пак, или не е дозволена продажба на земјоделско земјиште за кое тапија има државата, или е толку тешко да се исполнат законските услови што е речиси невозможно странска компанија да добие сопственост.

Премиерот Зоран Заев во ноември минатата година за првпат го најави планот според кој, преку продажба на државно земјоделско земјиште во буџетот би се инкасирале до 300 милиони евра, проценувајќи дека вкупната вредност на земјиштето кое го поседува државата, а има потенцијал за одгледување на земјоделски култури или за пасишта, достигнува до 2,5 милијарди евра. Според тоа што го кажа, би се одело на продажба на 15-тина проценти од вкупниот фонд, но рече дека во план е законот што ќе се донесе да се однесува на земјиште поголемо од 10 хектари и дека ќе се забрани тоа да се пренамени во градежно.

Во многу држави е забранета продажбата на државно земјоделско земјиште бидејќи се смета како природен ресурс со потенцијал за поголемо производство на храна, но конечно, се смета дека приватниот сопственик може да посака да прави и нешто друго со земјиштето, да го пренамени во градежно, или пак да користи евентуални природни богатства кои се наоѓаат под површината – руда, нафта или друго. Ако се размислува и пошироко и се вклучи и фантазијата, би можело да се дојде и до планови за купување на парцели кои би добиле стратегиско значење со поставување уреди за разузнавање и слично. Конечно, поседувањето на земјиште се смета како важно стратегиско прашање.

Во дел од земјите кои станаа членки на Европската Унија во изминатите две децении законите предвидуваа дека физички и правни лица од други земји членки ќе можат да купат државно земјоделско земјиште дури по седум години по влегувањето на државата во Унијата и тоа под строги критериуми. Но, во сите потоа, на истекот на тие седум години, беа донесени законски измени со дозвола од Брисел, со кои тој рок беше продолжен за три до четири години. Се сметаше дека земјиштето во овие земји е поевтино во однос на старите членки на ЕУ и дека куповната моќ на домашното население е помала и дека при јавно наддавање ќе бидат ставени во нерамноправна положба. Полска и Унгарија, на пример, потоа донесоа сосема нови закони со кои трајно забранија продажба на државно земјоделско земјиште. Хрватска како понова членка исто така го продолжи рокот за три години, а во тек се дебати дали да се оди на трајна забрана.

Србија пак, водена од договорите со ЕУ, дозволи продажба на државно земјиште под одредени услови, што наиде на огромни критики од домашните експерти кои тоа го оценија како погрешна и лошо пресметана одлука, потсетувајќи дека токму земјоделстсвото ја спаси од пропаст оваа земја во воените и кризни години.

Македонската законска регулатива забрануваше продажба на земјоделско земјиште во сопственост на државата. Законот од 2007 година беше јасен: „Земјоделското земјиште во државна сопственост не може да биде предмет на продажба”. Неговите одредби даваа можност единствено за давање на вакво земјиште на користење по пат на закуп и плодоуживање.

Законот од 2013 година малку ја „ублажи” оваа материја па беше напишано: „Сопственост на земјоделско земјиште во државна сопственост не може да стекнат странски физички и правни лица, освен ако со меѓународен договор поинаку не е одредено. Сопственост на земјоделско земјиште во државна сопственост може да стекнат државјани на земји членки на Европската Унија по истек на седум години од влезот на Република Македонија во ЕУ”.

Неколку месеци подоцна е интервенирано во законот со што на претходните одредби е додадено дека се дава можносг странски капитал да влезе, но само ако фирмата е правно поврзана со домашни фирми, но со удел не поголем од 49 отсто.

Всушност, стануваше збор за усогласувања со законската регулатива на Европската Унија, како што е тоа и во другите области.

Но, според најавите од премиерот Заев, се чини дека новиот закон што се подготвува ќе биде „полиберален” бидејќи тој вели дека веќе има „заинтересирани компании од Катар и од други земји”.

Од Владата нѝ потврдија дека засега нема законски предлог поврзан со најавата на премиерот и дека таа материја му е оставена на Министерството за земјоделство. Од Министерството, на нашите прашања поврзани со новиот закон што го подготвуваат и како тоа ќе се одрази на државните интереси и суверенитетот на државата, уверуваат дека нема место за загриженост.

„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со подршка на Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите нации (ФАО) е во фаза на изготвување на нов Закон за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост во кој ќе бидат разработени сите постапки во кои ќе може едно домашно физичко и правно лице да се стекне со право на сопственост на земјоделско земјиште во државна сопственост со површина под и над 10 хектари, а за странските правни и физички лица ќе се предвидат строги ограничувања кои ќе овозможат целосна заштита на државниот интерес во однос на сопственоста на земјоделското земјиште користејќи ги при тоа решенијата и искуствата на останатите европски држави”.

Како ќе биде заштитен државниот интерес, нема детали во одговорот, но се вели дека кога законското решение ќе биде изработено, пред да биде дадено во владина постапка, тоа ќе биде „предмет на транспарентна и широка расправа и дискусија на која ќе бидат поканети да учествуваат сите заинтересирани невладини и владини организации”.

Во својата проекција премиерот Заев во гостување на Алсат М телевизија кон крајот на минатата година рече дека земјоделското земјиште кое ќе биде купено, сопственикот нема да смее да го пренаменува во градежно земјиште, туку ќе мора да го користи за земјоделско производство.

„Доколку не се користи, односно доколку некој го купи и не го стави во функција, тогаш ќе плаќа три пати поголем данок на имот”, рече Заев.

Тој очекува дебатата за законскиот предлог да заврши до јуни годинава и потоа да се почне со продажба. Покрај домашни лица и фирми, рече дека земјиште за земјоделска намена ќе може да купат и фирми со странски капитал и тоа со површина од над 10 хектари и најави дека веќе има заинтересиран компании од Катар и други земји кои тука би купиле на пример, пасишта за одгледување на крави и јагниња и дека во нивните планови се парцели од над 3.000 хектари.

Премиерот нагласува дека нема да се продава земјиште кое е блиску до населените места со цел да не се дојде до ситуација тоа да стане предизвик за злоупотреби. Според Заев, покрај пари во буџетот од продажбата, ќе се инкасираат и пари од даноци, купување домашни производи, подигање на кредити, а воедно сопствениците ќе го развиваат производството.

Од Министерството за земјоделство за ваквите најави на Заев велат дека новиот закон ќе има за цел да влијае „многу позитвно на развојот на земјоделскиот сектор и во никој случај нема да се одрази негативно на домашното земјоделско производство, на начин на кој ќе биде образложен во документите кои го придружуваат законот во постапките за усвојување пред Владата и Собранието, а до кои документи пристап ќе имаат сите заинтересирани лица преку алатките за транспарентност”.

Сепак, и за ова законско решение кога тоа ќе дојде на дневен ред, ќе бидат потребни доволен број на гласови во Собранието, а парламентарното мнозинство и во моментов е на тешки искушенија.

Од зелената партија ДОМ велат дека имаат резерви кон планот за продажба на државно земјоделско земјиште, како од аспект на заштитата на животната средина, така и на домашното земјоделско производство и земјоделци. Од партијата велат дека би можело да се размислува за евентуална продажба на дел од земјиштето, односно на помали парцели во функција на домашното производство.

Левица е категорично против и од партијата велат дека станува збор за природен ресурс на државата и дека земјиштето со своите ботатства – вода, руда, шуми не може да се продава бидејќи му припаѓа на народот.

„Со отуѓувањето во приватни раце на земјоделското земјиште, државата се лишува од можноста за планско земјоделско производство и од идни аграрни реформи, а се загрозува и производството на здрава храна, бидејќи питка вода и незагадена почва ќе бидат сѐ повеќе реткост во иднина”, велат од Левица.

Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ, кој беше заменик министер за земјоделство во последната технича Влада, за МКД.мк вели дека неговата партија е против такво законско решение, нагласувајќи дека „кога на странци продавате парцела земјиште губите дел од државата”.

Тој не се согласува дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ ја подотворила вратата за продажба на земјоделско земјиште во сопственост на државата. Вели дека последниот закон од 2015 година, како и во повеќето држави, продажбата на државно земјиште практично ја правел невозможна. Трипуновски вели дека единствено им беше овозможено преку јавен повик на мал број домашни земјоделци и домашни правни лица да купат мали парцели кои граничат со нивните приватни парцели, во ситуации кога физички биле оневозможени да го развиваат производството, како и исто така симболичен број на продажби заради оранжериско призводство.

„Ако еднаш се продаде земјоделско земјиште на странска компанија, евентуалната злоупотреба на намената за што е купено нема да може да се надомести ниту со пет пати повисоки даноци или санкци. Имаме примери и од домашни правни лица кои земале под закуп земјиште, а направиле злоупотреби симнувајќи слој плодна земја со цел да дојдат до варовникот, а по експлоатацијата, покриваат со тенок слој земја за да ја сокријат злоупотребата”, вели Трипуновски и додава дека рецептот треба да биде развој на домашното земјоделско производство и со зголемување на извозот да се дојде до посакуваниот девизен прилив во буџетот.

Според најавите од Владата и дел од политичките реакции, станува јасно дека и ова прашање ќе биде уште една тема околу која ќе се кршат партиските копја и ќе има обиди за инволвирање на стручната јавност кон еден или друг табор. Но, постојат и други прашања – има ли државата прецизен регистер на целото државно земјоделско земјиште, негова точна категоризација според квалитетот, конечно, има ли контрола врз целото земјиште.

 

Извор: МКД.мк