Локалните власти во јапонската престолнина Токио размислуваат да воведат четиридневна работна недела за вработените во општината од следната финансиска година, како дел од напорите да се создадат услови за урамнотежување на кариерите и воспитувањето на децата во семејството, објави Ксинхуа.

Иницијативата, објавена претходно овој месец од гувернерот на Токио, Јурико Коике, им овозможува на вработените да работат флексибилни часови што одговараат на нивните потреби. Така, секој вработен со полно работно време ќе добие дополнителен слободен ден секоја недела.

Досега, вработените кои работеа 155 часа во период од четири недели можеа да земат само еден слободен ден во тој период. Според новиот систем, работното време останува исто, но на вработените им е дозволен дополнителен слободен ден секоја недела.

Сличен систем оваа година се тестира и во други региони, како што се префектурите Ибараки и Чиба, а во Чиба, 150 вработени имаат корист од новиот систем до 1 ноември.

Според Коике, новиот систем ќе им овозможи на жените истовремено да ги продолжат своите кариери и да раѓаат и да ги воспитуваат своите деца.

Овој потег доаѓа откако се очекува стапката на наталитет во Јапонија оваа година за прв пат да падне под 700.000. Во првата половина од годинава во земјава се родени 329.998 бебиња.