Доналд Трамп изјави дека многу брзо ќе воведе царини за добра увезени од Европската Унија, што следува откако тој почна трговска војна со Канада, Мексико и Кина, трите најголеми трговски партнери на САД.

„Европската Унија ја искористува Америка. Тие не купуваат наши автомобили, не купуваат наши земјоделски производи. Не купуваат речиси ништо, а ние купуваме милиони нивни автомобили и огромни количини храна и земјоделски производи“, кажа Трамп.

Тој не прецизираше кога би биле воведени овие царини, освен дека тоа ќе се случи наскоро.

„Америка беше искористувана од речиси секоја држава на светот. Имаме дефицити со речиси сите држави и ќе го промениме тоа. Тоа не е фер“, кажа Трамп, додавајќи дека со Велика Британија ситуацијата може да се поправи.

Трамп предизвика потрес во светската економија откако воведе царини од 25% за Мексико и Канада и царини од 10% за Кина. Тој призна дека царините на краток рок ќе им предизвикаат малку болка на Американците, но додаде дека на крајот ќе се исплатат.

„Ќе ја направиме Америка повторно голема. Цената што мора да ја платиме ќе ни се исплати“, рече тој.

Трамп кажа дека денеска ќе разговара за царините со лидерите на Канада и Мексико, кои најавија дека ќе возвратат со иста мерка.