Ова е првиот контакт помеѓу двајцата лидери од самитот на Г20 на почетокот на декември во Аргентина
Претседателите на САД и Русија Доналд Трамп и Владимир Путин разговарале по телефон вчера малку повеќе од еден час, соопшти портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс, цитирана од Ројтерс.
Тие разговараа режимот на контрола врз нуклеарното оружје, Северна Кореја, Венецуела, Украина, трговијата.
Трамп и Путин разговарале за евентуалното склучување на нов нуклеарен договор, овој пат со учество и на Кина, како и за продолжување на важноста на сегашниот американско-руски Договор за ограничување на стратешкото оружје.
Американскиот претседател го повика својот руски колега да изврши притисок врз Северна Кореја да ја напушти својата нуклеарна програма.
За прашањето за Венецуела, Трамп истакна дека “сите опции остануваат на маса”. Соединетите Американски Држави се “на страната на венецуелскиот народ“.
Тонот се заострува изминативе неколку недели меѓу САД кои не го поддржуваат венецуелскиот претседател Николас Мадуро и бараат да се повлече, и Русија, која ја обвинува администрацијата на Трамп дека се обидува да организира државен удар во оваа држава со огромни нафтени резерви, забележува Франс прес.
Двајцата разговарале и “многу, многу кратко” и за извештајот на американскиот специјален обвинител Роберт Мулер кој истражуваше евентуалната интервенција на Русија во претседателските избори во САД во 2016 година.
Американскиот и рускиот претседател го забележаа фактот дека трговијата меѓу двете земји е зголемена по влегувањето на Трамп во Белата куќа.
Тоа беше еден “генерално позитивен разговор”, сумираше Сара Сандерс, цитирана од светските агенции.
ТАСС наведува дека ова е прв контакт меѓу Трамп и Путин по средбата на врвот на Г-20 на почетокот на декември во Аргентина. Тогаш американскиот претседател ја откажа во последен момент планираната одделна средба со рускиот колега и двајцата само разговараа на кратко, на маргините на форумот.