Само еден ден по продолжувањето на воведувањето царини од 25% за сите канадски производи за еден месец, американскиот претседател Доналд Трамп повторно ѝ се закани на Канада со царини за граѓа и млечни производи.

– Канада ни краде граѓа и млечни производи со години – рече Трамп кон крајот на минатата недела, потсетувајќи дека Канада има царина од 250% за американските млечни производи.

Тој најави и дека наскоро ќе воведе царини од 250% за истата стока.

-Ќе наплатиме иста сума. Не е фер. Никогаш не било фер и лошо се однесувале со нашите земјоделци – додава тој.

Канадската министерка за трговија Мери Нг ги негираше наводите на Трамп, велејќи дека не е точно дека Канада краде од САД. Таа оцени дека американските реципрочни царини би биле целосно неоправдани.
Последните најави на Трамп се уште еден удар за инвеститорите, компаниите и потрошувачите, иако неговата најава на 6 март дека ќе чека уште еден месец со царината од 25% за ите канадски производи беше олеснување за многу индустрии, особено автомобилскиот и земјоделскиот сектор, пишува Си-Ен-Ен.