ЊУ ДЕЛХИ (Ројтерс) – Американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот побара од Индија да ги повлече одмаздничките тарифи што ги наметна Њу Делхи овој месец, нарекувајќи ги царините “неприфатливи”.
Индија постави повисоки тарифи на 28 американски производи по повлекувањето на Вашингтон овој месец од клучните трговски привилегии за Њу Делхи.
“Со нетрпение очекувам да разговарам со премиерот Моди за фактот дека Индија, со години става многу високи тарифи на увозот од САД, и неодамна ги зголемија тарифите уште повеќе”, рече Трамп на Твитер.
“Ова е неприфатливо и тарифите мора да се повлечат!” рече Трамп, кој ќе се сретне со Моди на самитот на Г20 оваа недела во Јапонија.
Забелешките на Трамп би можеле дополнително да го влошат трговскиот спор меѓу Индија и САД и да создаде раздор во длабочината на нивниот безбедносен сојуз.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео, кој беше во средата во Њу Делхи, се обиде да ги намали зголемените трговски тензии со Индија, ветувајќи нов фокус на преговорите за подобри врски, но давајќи малку детали за тоа како ќе ги надминат споровите околу трговијата и инвестициите.
Трамп ги укина трговските привилегии за Индија во рамките на Генерализираниот систем на преференции (ГСП), според кој Њу Делхи беше најголем корисник на кој му беше овозможен бесцарински извоз до 5,6 милијарди долари.
Индија првично издаде наредба во јуни минатата година да ги зголеми царините за увоз до 120 отсто на бројни американски продукти, предизвикани од одбивањето на Вашингтон да ја ослободи Индија од повисоките тарифи за челик и алуминиум.
Трговијата меѓу овие две земји изнесуваше околу 142,1 милијарди долари во 2018 година.