Американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да воведе царини од 60 милијарди долари на увозот на кинеската стока, а ќе ги насочи главно на технологијата и телекомуникациските сектори, јавува Ројтерс повикувајќи се на два извори од администрацијата на Трамп.

 

Трет извор, кој има директни сознанија за ставот на американската администрација, кажал дека царините, поврзани со истрагата за интелектуална сопственост во согласност со американскиот закон за трговија која почна во август минатата година, би можеле да бидат објавени „во многу блиска иднина“.

 

Царините главно би биле насочени кон информациската технологија, потрошувачката електроника и телекомуникациите, а конечниот список би можел да опфати дури 100 производи.

 

Белата куќа одби да го коментира количеството или временскиот распоред на кој било потег поврзан со воведување царини на Кинезите.

 

Кина има 375 милијарди долари трговски суфицит со САД, а намалувањето на таквиот неповолен однос е една од главните цели на Трамп кој уште во претседателската кампања застапуваше протекционистичка политика, а неговата прва акција по стапувањето на должноста беше повлекување на САД од трговскиот пакт познат како Транспацифички партнерство.

 

Царините на увоз на челик и алуминиум, кои Трамп ги воведе минатата недела, се релативно безначајни во однос на вкупниот увоз и извоз, но директно царински „нишанење“ на Кина би можело да предизвика остар одговор на пекин, сметаат аналитичарите.

 

Ако тоа е сериозно, Кинезите ќе се одмаздат. Клучното прашање е дали САД ќе одговорат на кинеската одмазда“, смета Дерек Сисорс, експерт за трговски односи со Кина од бизнис експертската група Американ ентерпрајз институт.