– Процесот на префрлање на вработени од јавен во приватен сектор ќе почне по завршување на изборите затоа што во предизборниот период се забранети какви било разместувања во администрацијата, најави денеска министерот за информатичко општетсво и администрација Дамјан Манчевски, одговарајќи на новинарско прашања.
Тој вели дека ќе го разгледаат предлогот на Конфедерацијата на слободни синдикати парите што државата планира да ги исплати на бизнисмените кои ќе преземат административци да се дадат на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, како и да се донесе закон за предвремено пензионирање со што би се намалил бројот на администрацијата.
– Предлогот на КСС ќе го разгледаме, досега биле на повикувани на бројни средби каде не го презентирале, но ќе го разгледаме и соодветно ќе одговориме, рече Манчевски на прес-конференција во Владата.
Заради предвремените парламентарни избори што треба да се одржат на 12 април годинава, појасни, со закон е забрането да се прави какво било преместување на вработени. Пакетите ги дефиниравме, ги презентиравме во јавноста, веднаш по завршување на изборите ќе започне тој процес. Малку друга е интенцијата на овие предлози затоа што еве и покрај состаноци на темата во тек на половина година, сега излегува некој предлог. Во ред, ќе го разгледаме, како што и секогаш кажуваме, отворени сме за сите предлози, рече Манчевски.
Како што потенцираше, во предизборниот период не може да се спроведуваат ниту резултарите од законските анализи, како што е функционалната анализа за инспекторатите. Се уште не е завршена функционалната анализа со којашто треба да се изврши целосна реорганизација на институциите.
– За да се смени нешто во која било институција, односно да се спои, укине и воведе нова треба да се измени Законот за организација на органите во државната управа, кој се носи со двотретинско мнозинство, а потоа ќе се усогласуваат и поединечни закони, потсети Манчевски.
Тој пред еден месец имаше средба со претставниците на синдикатите за петте модели на можна реорганизација на вработените во јавната администрација.
Едниот предлог е трансфер на вработените од јавниот во приватниот сектор, со тоа што приватната фирма би понудила повисока плата за вработените, а државата во одреден временски период би ги плаќала придонесите. Во опција се и пакети за преквалификација на вработените од јавниот во приватниот сектор, во согласност со потребите што ги доставиле претставниците на приватниот сектор, стопанските комори и Агенцијата за вработување. Има пакет и за испратнина по сопствена волја на вработени што сакаат да го напуштат јавниот сектор, како и предлог за преквалификација за внатрешни потреби и внатрешна реорганизација.