Не можеме да ги изедначиме луѓето кои работеле 45 години и тие што работеле 15 години, изјави министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, на гостувањето во летното издание на Клик Плус на ТВ 21 во врска со барањето за линеарно зголемување на пензиите.
– Имавме ние конструктивни средби со пензионерите во изминатиот период. Тие велат дека со животниот стандард и висината на пензии се доведени да преживуваат. И јас се согласувам дека најниските пензии се мали. Но, износот на пензиите зависи од тоа колку во нашиот работен век сме придонеле во пензискиот систем и во должината на работниот стаж. Не можеме да ги изедначиме луѓето кои работеле 45 години, и луѓе кои работеле 15 години. Не може да ги изедначиме луѓе кои работеле на сложени работни места, и имале поголеми плати, и луѓето кои имаат минимална плата, а платата се формира согласно сложеноста на работа. И тоа што го инвестираме во пензискиот фонд низ работниот век, тоа ни се враќа со пензиите, изјави Тренчевска.
Тренчевска кажа дека кога се носела оваа методологија за покачување на пензиите, пензионерите не беа против.
-Во септември не очекува покачување на пензиите со новата методолија. Во март минатата година кога ја носевме новата методологија и кога ги правевме законите за инвалидско осигурување, ниту еден не пензионер не беше против. Сите пензионери ја поддржаа одлуката. Порастот на пензиите го следи покачувањето на трошоците на живот, ја следи инфлацијата, а ја следи и порастот на просечната плата. Дури и во моменти кога ќе немаме толкава инфлација како што е сега, верувам дека ќе се намали и до крајот на годината ќе дојде до едноцифрена бројка, тогаш пензиите ќе растат повторно, затоа што просечната плата постојано расте. Ние рековме дека ќе дојдеме до 600 евра просечна плата, и веќе во јули согласно податоците е веќе над 600 евра, рече Тренчевска.