Според неа, мерките што ги предлага Владата се задоцнети и неефективни, а за замрзнувањето на маржите на само 73 производи вели дека не донело никакво олеснување за граѓаните.

По само 100 дена власт, резултатите се очигледни – пад на просечната плата, нема поголема минималната плата, има раст на цените и целосна деградација на работниците, вели пратеничката од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и поранешна министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска.

Тренчевска денеска во изјава за медиумите рече дека економските политики на новата влада на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се катастрофални, а мерките што се предлагаат се задоцнети и неефективни.

„Наместо раст, гледаме пад на платите. Нема покачување ниту на минималната плата која требаше да биде 450 евра. Работниците, кои со години беа заштитени од нашите мерки за покачување на платите, денес се чувствуваат изиграни и разочарани од владата на Мицкоски по само 100 дена“,

рече Тренчевска.

Таа, осврнувајќи се на мерките што биле преземани додека СДСМ беше на власт, рече дека имало постојано зголемување на платите и додаде дека просечната плата за време на нивното водење на владата достигнала до 41 000 денари, а била зголемена од 20 853 денари колку што изнесувала во 2015 година.

„Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, просечната плата е намалена за 1 000 денари. Ова е прв пат после седум години постојан раст платите да се намалуваат. Овој пад значи помалку пари во џебот на секој граѓанин, помалку можности за пристоен живот, и уште потежок удар врз стандардот“

Според неа, мерките што ги предлага владата се задоцнети и неефективни, а за замрзнувањето на маржите на само 73 производи вели дека не донело никакво олеснување за граѓаните.

„Додека цените на основните производи продолжуваат да растат, владата на Мицкоски не успева да преземе конкретни чекори за да ги заштити граѓаните од поскапувањето. Ова не е влада што се грижи за граѓаните. Ова е влада која се обидува да ги замајува со 100 изговори. Работниците кои се надеваа на зголемување на платите се длабоко разочарани. Наместо тоа, политиката на евтина работна сила се враќа“,

рече Тренчевска додавајќи дека владата на Мицкоски го враќа времето на сиромаштија и понижување на работниците.

Незадоволство од економските политики на владата во изминатите 100 дена вчера изразија и од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и од Организацијата на работодавачи на Македонија.

Претседателот на ССМ смета дека 25 илјади работници кои примаат плата од 22 567 денари е некоректно, односно нечовечки да ја примаат како таква, а како кривично дело од страна на работодавачите го оцени она што 10 илјади работници примаат плата од еден денар до 22 567 денари.

Од Организацијата на работодавачи на Македонија велат дека очекувањата од новата влада биле големи, меѓутоа она што се зборува во изминатиот период било само зголемување на платите на јавната администрација и земање кредити за општините, а заобиколување на проблемите со кои се соочува стопанството во делот на продуктивноста и на немањето работна сила.