Јавен повик за проектни идеи за реализација на стратешки проект финансиран со средства од ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија за кој кофинансирање од 15 отсто покрива Министерството за локална самоуправа е објавен на 27 мај. Проектните идеи можат да се достават до 1 август годинава, а на располагање се 4,93 милиони евра.
-Овој јавен повик е различен од претходните два, затоа што станува збор за стратешки проект, што значи дека со неговата реализација ќе се одговори на потребите на поголема популација. Во таа смисла проектот треба да биде од национално или пак од регионално значење. Дали сите средства ќе бидат апсорбирани за реализација на еден или два стратешки проекти ќе зависи од проектните идеи кои можат да ги доставуваат институции, општини, училишта, универзитети, граѓански организации и други непрофитни субјекти, рече министерот за локална самоуправа Сујхел Фазлиу на денешната прес-конференција во Владата.
Тој прецизира дека со Програмата се опфатени пелагонискиот, полошкиот и југозападниот регион, а во Албанија регионите на Корча, Елбасан и Дибра, поради што стратешкиот проект, територијално треба да биде имплементиран во тие рамки и да решава проблем на граѓаните кои што живеат во тие плански региони.
За полесно аплицирање на Програмата, потенцира, во првата половина на јуни ќе се одржат четири информативно-консултативни сесии во Скопје, Тетово, Тирана и Корча, како и дополнителни четири во втората половина од месецот.
-Во рамките на Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија од страна на Европската Унија на располагање имавме вкупно 11,9 милиони евра за проекти во двете држави. За првиот јавен повик беа резервирани 2,9 милиони евра, за вториот исто 2,9 милиони евра и за стратешкиот проект се резервирани скоро пет милиони евра. Во првиот повик беа одобрени и веќе се имплементираат девет проекти, а проектните апликации од вториот повик се во фаза на оценување. Сега е актуелен третиот повик за проектни идеи за стратешки проект, потсети Фазлиу и ги повика сите заинтересирани субјекти да понудат проектни идеи.
Нагласи дека ист ваков стратешки проект се реализира преку Програмата за прекугранична соработка со Грција за кој како приоритетен проект е избрана изградбата на граничниот премин Маркова нога во Преспа. Како стратешки проект, во фаза на реализација е и граничниот премин Белановце – Станчиќ, кој што се финансира со средства од Програмата за прекугранична соработка со Косово.
MИА