Собраниската комисија за финансирање и буџет денеска трет ден по ред треба да продолжи со разгледување на Предлог-буџетот за 2024 година. Расправата по Предлог-буџетот почна во понеделник, а ќе трае 10 работни дена, по што треба да се најде на усвојување на пленарна седница.
Согласно утврдените рокови, Буџетот за наредната година треба да биде усвоен во Собранието најдоцна до 31 декември.
Предлог-буџетот за следната година тежи 5,5 милијарди евра. Владата го карактеризира како развоен и одржлив Буџет кој ги има сите карактеристики за истовремено да го поддржи развојот, но и да ја обезбеди фискалната одржливост. Со него, според Владата, се гарантира редовна исплата на платите, пензиите и социјалната помош, како и подмирување на другите потреби на граѓаните и сервисирање на обврските на државата.
Министерот за финансии Фатмир Бесими завчера пред собраниската Комисија за финансирање и буџет истакна дека Предлог-буџетот ги таргетира приоритетите и соодветно ги распределува средствата за исполнување на јавните потреби на граѓаните и фирмите. Потенцира дека во текот на 2024 година е предвидено подобрување на управувањето со јавните финансии, зајакнување на среднорочното буџетирање, редизајнирана буџетската политика и фискална консолидација, активности кои се во насока на поддршка на макроекономската стабилност, забрзување на економскиот раст, а со тоа и зајакнување на потенцијалот за раст на домашната економија, истакна
Вкупните приходи во 2024 година се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари и истите се за 10 отсто повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или за околу 5,8 проценти повисоки во однос на 2023 година.
– Вака планираните приходи и расходи резултираат со намален буџетски дефицит во однос на 2023 година за околу 9,2 милијарди денари и истиот е проектиран во апсолутен износ од 33,5 милијарди денари или на ниво од 3,4 отсто од планираниот БДП. Со проектираното ниво на буџетскиот дефицит се потврдува конзистентноста на фискалната политика, која е во согласност со среднорочната фискална рамка, рече Бесими.
Според него, и покрај понискиот буџетски дефицит, преку буџетската потрошувачка се предвидува нормално функционирање на институциите, обезбедување на развојната компонента, како и алоцирање на неопходни средства за резерви за кризни состојби на ниво од околу 0,4 отсто од БДП. Со вака планираниот буџетски дефицит се овозможува исполнување на фискалното правило за буџетски дефицит од 3 отсто од планираниот БДП, не вклучувајќи ги средствата за таргетираните мерки за најранливите категории.
Проекциите за приходите на буџетот, како што појасни ресорниот министер, се базираат на реализација на приходите во тековната 2023 година, очекувањата за економскиот раст и подобрување на ефикасноста и ефективноста на системот за наплата на јавните приходи.
– Вкупните даночни приходи во Буџетот, се проектирани во износ од 178,1 милијарди денари, што е за околу 10 отсто над износот на приходи планиран за 2023 година. Истите учествуваат со 18,1 отсто во БДП за 2024 година, што е приближно еднакво на учеството во претходната година. Како изворни приходи на Буџетот, даночните приходи учествуваат со 57,4 отсто во структурата на вкупни приходи на централно ниво за 2024 година, појасни Бесими.
Во Буџетот за 2024 година, проектирано е повисоко ниво на остварување кај сите видови даноци споредено за 2023 година.
Вкупните расходи се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или се за 5,8 отсто повисоки во однос на 2023 година. За плати проектирани се 41,2 милијарди денари, за стоки и услуги планирани е износ од 25,3 милијарди денари, за тековни трансфери и субвенции 215,3 милијарди денари. За социјални трансфери проектирани се 161,1 милијарди денари, од кои за исплата на пензии 83,6 милијарди денари, за надоместоци за социјална заштита на најранливите слоеви на населението околу 13,2 милијарди денари.
Растот на економијата е проектиран на ниво од 3,4 отсто, а инфлацијата на ниво до 3,6 отсто.