Дали на македонскиот пазар на телекомуникации владее олигопол или прикриен дуопол? Дилемата ја решава анализата на Институтот за развој на електронски комуникации ИНРЕКОМ за состојбата на пазарот на мобилна телефонија, по најавата за влез на нов, трет „играч“.

Повикувајќи се на фактичката состојба, оттаму потенцираат дека ќе се случи динамизирање на пазарот ако влезе нов, трет мрежен мобилен оператор. Потпретседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, најави влез на нов, трет мрежен оператор – унгарски 4иГ.

– Македонија има два мрежни оператора и четири виртуелни оператори, со што, на прв поглед, изгледа дека пазарот е со голем избор, но, во основа, ситуацијата е поинаква. Според последните објавени податоци за пазарот од Агенцијата за електронски комуникации, заклучно со последниот квартал од 2023 година, состојбата е следна: од вкупно 1.950.114 претплатници на мобилна телефонија, дури 95 проценти отпаѓаат на Македонски телеком и на А1.

Врз основа на овие статистички податоци, може да се согледа дека двата мрежни оператора се и главни играчи, а уделот по бројот на корисници или, пак, по уделот во вкупниот колач од приходи на виртуелните оператори е незначителен.

– Имајќи го предвид и планот на српскиот „Мтел“ да го преземе „Лајкамобаел“, уште толку ќе се промени сликата на пазарот на мобилни телекомуникации. Со ова, се наметнува дилемата дали има на пазарот олигопол или, сепак, прикриен дуопол. Токму поради ова, несомнена е потребата од нов, трет мрежен мобилен оператор за да се динамизира состојбата на пазарот – потенцираат оттаму.

Интересен е и фактот дека лани, во 2023 година, граѓаните на Република Македонија, на месечно ниво, разговарале во просек по 109 минути, додека годишниот просек изнесува 237 минути.

– Од друга страна, останува неизвесно дали еден од поголемите играчи во делот на фиксните услуги, македонскиот операторот „Неотел“, кој нуди домашен 4Г-интернет, за што има добиено радиофреквенции на користење од АЕК, ќе биде преземен од српски „Мтел“. Со ова, „Мтел“ би добил подобра позиција како стартна подлога за влез како трет или четврт мобилен оператор, преку сопствената безжична 4Г ЛТЕ-мрежа – се наведува во анализата.

Исто така, регионалната групација „Јунајтид груп“, која е присутна во Македонија преку сателитскиот оператор „Тотал ТВ“, треба да биде поканета да ја разгледа можноста за инвестиции во мобилната и во фиксната услуга во државата.

– За потсетување, „Јунајтид груп“ само во Македонија не нуди фиксни услуги како домашен Интернет и фиксна телефонија. Во делот за мобилна телефонија, пак, „Јунајтид груп“ има мобилна услуга во Словенија, Хрватска, Црна Гора, Бугарија и во Грција, каде што ги има комбинирано фиксните и мобилни услуги – се вели во анализата на ИНРЕКОМ.