Германскиот производител на автомобили „БМВ“ објави пад на оперативната добивка од 61 отсто во третиот квартал од годинава, поради слабата продажба во Кина и проблемите со системите за сопирање кај некои возила, што доведе до доцнење на испораките.
Истовремено, приходите на компанијата се намалени за 15,7 отсто на годишно ниво – на 32,4 милијарди евра. Аналитичарите очекуваа таа сума да биде околу 34,3 милијарди евра.
Во третиот квартал, оперативната профитна маржа за автомобилскиот сегмент од бизнисот изнесувала само 2,3 отсто, се вели во извештајот.
Компанијата во септември соопшти дека проблемот со сопирачките погодил повеќе од 1,5 милиони автомобили и дека се очекува доцнење на испораката за околу 320.000 возила.
Извршниот директор на компанијата, Оливер Зипсе, најави дека по „екстремните предизвици во третиот квартал“ компанијата е на пат кон закрепнување и очекува да има подобар резултат во четвртото тримесечје, како и да ги постигне своите годишни цели, пренесува Ројтерс.
Германските производители на автомобили се соочуваат со незапаметени тешкотии во работењето – „Фолксваген“ се подготвува да отпушти десетици илјади работници во фабриките во Германија, а „Ауди“, кој е дел од групацијата „Фолксваген“, вчера соопшти дека добивката во третиот квартал му се намалила за дури 91 отсто.