Три нови мерки за поддршка на производителите на пченица, јачмен и градинарски култури донесе Владата на денешната седница.
Мерките ќе се реализираат преку Интервентната програма, а предвидуваат по три денари за килограм остварено и предадено или складирано производство на пченица, по три денари за килограм произведен домашен сертифициран семенски материјал од прва и втора генерација на пченица и јачмен, по 35 денари за килограм домат произведен и продаден од 5 април – 31 мај, како и по 30 денари поддршка за краставици произведени од 5 април – 15 мај кога важеше одлуката за замрзнување на цените.
Како што соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, целта е да им се помогне на земјоделците.
-Првата мерка се однесува на 3 денари по килограм финансиска поддршка до земјоделците, за остварено и продадено или складирано производство на пченица.
Корисници се земјоделските стопанства кои имаат поднесено барање за подмерката директни плаќања по обработливa земјоделска површина за сите поледелски култури и кои имаат засеани и ожнеани површини со пченица, а оствареното производство го имаат прoдадено или складирано пченица кај регистриран откупувач или за потребите на сопствениот преработувачки капацитет во период од 15 јуни до 31 август 2023 година, а се запишани во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи.
Максималната прифатлива количина на пченица е 5. 000 килограми по пријавен хектар, информира Николовски.
Корисници на финансиска поддршка од три денари по килограм за произведен домашен сертифициран семенски материјал од прва и втора генерација на пченица и јачмен се земјоделски стопанства кои имаат поднесено барање за директни плаќања за произведен и продаден домашен сертифициран семенски материјал од прва и втора генерација за житни, фуражни, индустриски и градинарски култури и кои се запишани во Регистарот на снабдувачи на семенски материјал, кои имаат произведен семенски материјал во 2023 година согласно Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија и имаат добиено сертификат за конечно сертифицирано семе од прва и втора генерација на пченица и јачмен.
-Кај оваа интервентна мерка прифатлива количина за сертифициран семенски материјал од прва и втора генерација на пченица и јачмен, се количините наведени во сертификат за конечно сертифицирано семе од реколта 2023 година, рече министерот.
Корисници на поддршката за продадени количини домат и краставица произведени под контролирани услови се производители на домат и краставици во контролирани услови и кои имаат поднесено барање за дополнителни директни плаќања.
Николовски потсети и дека претходно беше донесена одлука за дополнителни 12 000 денари поддршка за јачменот за принос над три тони.