Пристигнати се 13 апликации на јавниот повик за формирање бизнис акцелератори за млади, прединвестициска програма и инвестиции за старт ап компании на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).
Според критериумите на повикот за кој во соработка со Светска банка се обезбедени 2,25 милиони евра, 11 апликации ја поминале фазата на административна проверка. Тие продолжуваат во фаза на селекција, што ја реализира Комитетот за одобрување на инвестиции на Фондот. Процесот на селекција на апликациите се очекува да заврши до крајот на месецов, по што ќе бидат објавени и избраните проекти, соопшти денеска ФИТР.
Оттаму потенцираат дека сите апликанти доставиле и изјава за сопственичката структура, која почнувајќи од овој повик станува дел од задолжителната документација која треба да се достави при аплицирање за инструментите на Фондот.
Во рамки на Инструментот за ко-финансирање на бизнис акцелератори Фондот за иновации и технолошки развој обезбедува кофинансирање до 75 проценти од вкупниот буџет на проектот, најмногу до 500.000 евра. Преостанатиот дел од проектниот буџет го обезбедува апликантот.
– Со формирање на бизнис акцелератори ќе се овозможат програми за основање и развој на старт ап компании за млади, вклучително и финансиска поддршка за развивање на брзо растечки бизниси кои ќе креираат високоплатени работни места. Преку конкретна менторска и финансиска поддршка, користејќи меѓународни искуства, младите добиваат можности кои ги имаат и во другите развиени земји, оценуваат од ФИТР.
Повикот беше отворен од 29 мај до 27 јули годинава.