„Денеска преку министерството за финансии се исплатени над 180 милиони денари кон 5.047 земјоделци, корисници кои што имаат произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко“, истакна денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски во изјава.
Министерот додаде дека исплатата се однесува за месеците мај, јуни и јули 2023-тата година, и е само мал дел од она што ќе следи како исплата во наредниот период.
„Жалам што овие субвенции не биле досега исплатени, меѓутоа како нова Влада, Министерство, Министерство за финансии правиме сериозен напор и веќе покажуваме на дело како треба вистински да се грижи Министерството и државата кон земјоделците“, нагласи министерот.
Тој додаде дека по ребалансот на Буџетот следува доисплата на останатите субвенции.
„Упатувам апел земјоделците да бидат спокојни дека овојпат има кој да се грижи за нивната мака и да го вреднува нивниот труд“, порача Трипуновски.