Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска е во работна посета на Ресен каде што оствари состанок со задругите и земјоделците од ресенскиот регион каде што е разговарано за актуелните состојби во овоштарството.
-Денеска имаме една катастрофална ситуација со делот на производството на овошни култури од овој регион, а тоа го говорат и сите статистички податоци кои што се официјални од министерството, државниот завод за статистика и од платежната агенција. Она што сакам да го потенцирам како споредба на 2018 година со 2022 година секоја година имаме намалување на површините под јаболков насад за некаде од околу 350 хектари на годишно ниво што е едно сериозно намалување, а оваа бројка го потврдува и фактот со производството на јаболко од овој регион. Ако во 2017-2018 година сме имале производство на над 230 илјади тони јаболка, 2022 година производството било околу 90 илјади тони јаболка кое најголем дел беше откупено како индустриско јаболко што нанесе сериозна штета врз земјоделците од овој регион- изјави Трипшуновски.
Трипуновски потсети дека не се исплатени обештетувањата за 2018 и 2021 година иако целосната документација е испратена до министерството, до комисијата за надомест на штети, истите се одбиени од страна на министерството со објаснување дека не се запазени предвидените рокови иако истите се запазени и документацијата е навремено доставена.
-Овој регион кој што е познат по производството на квалитетно македонско јаболко од година во година се намалува заради тоа што власта и министерството немаат слух за проблемите и сите оние мерки и програми кои што ги креира или се со тотално промашување, или се со задоцнување, или немаат никаков реален ефект. Ја користам оваа прилика да испратам една порака до сите земјоделци од регионов дека доаѓаат подобри времиња, сериозни луѓе на сериозни позиции, со конкретни мерки и проекти и сите оние отворени ситуации и проблеми ќе ги враќаме во нормала, односно да ја враќаме надежда на земјоделците кон една идна Влада која што ќе има сериозен однос спрема нив затоа што Македонија била и треба да остане земјоделска држава. – заврши Трипуновски.