Банката на Англија (BoE) тргува со злато од својот трезор на поширокиот пазар со попуст од повеќе од 4 фунти (4,8 евра) за фина унца под цената на Лондонската берза, а за овие златни прачки има голем интерес, објави Блумберг.
Трговците ширум светот брзаат да складираат злато пред потенцијалните царини што ги објави американскиот претседател Доналд Трамп, иако тој конкретно не го таргетираше благородниот метал, но дилерите се загрижени дека тоа би можело да биде вклучено во општите царини со кои се закани.
Цената на златото во средата порасна на 2.864,99 долари за унца.
Додека трговците се тркаат со времето, растечките редици го прават златото во трезорот на британската централна банка помалку привлечно од златото во попристапните комерцијални трезори низ Лондон, забележува Блумберг.
BOE поседува повеќе од 400.000 златни прачки, вредни повеќе од 450 милијарди долари по тековни цени, кои ги чува главно во име на други централни банки, но и за неколку водечки трговци со гореспоменатиот благороден метал.
Тоа е само дел од повеќе од 8.000 тони злато складирани во Лондон, но голем дел од него е во сопственост на фондови и други инвеститори кои можеби нема да сакаат да го продадат.
Глобалната побарувачка за злато ги урна сите рекорди минатата година, поттикната од големите набавки од централните банки и зголемените инвестиции во овој благороден метал, се вели во извештајот објавен денеска од Светскиот совет за злато, пренесува CNBC.
Минатата година вкупниот обем на трговија со злато изнесуваше 4.974 тони, што е зголемување од 4.899 тони во 2023 година.