Цената на нафтата забележа благ пад, спуштајќи се под нивото од 57 долари под влијание на продолжувањето на преговорите помеѓу Иран и западните сили. На пазарот во Лондон цената на барел нафта падна за 30 центи во однос на претходното затворање, на 56,80 долари. На американскиот пазар се тргуваше за 25 центи пониска цена, од 49,84 долари.
Во средата цената на нафтата на пазарите во Лондон и САД се зголеми за пет проценти, откако најновите податоци од САД покажаа намалување на производството на нафта минатата недела, за прв пат во последните два месеци. Производство е намалено за 0,4 проценти на 9,4 милиони барели дневно.
Во четвртокот, во фокусот на пазарот повторно се преговорите помеѓу Иран и западните сили за нуклеарната програма на Техеран. Со тоа повторно во преден план е прекумерното производство кое доколку се постигне договор додатно би се зголемило. Техеран се надева дека договорот ќе резултира со укинување на економските санкции.
Со можноста на пазарот да се вратат големи количини на иранска нафта, пазарот е притиснат и од податоците од неделникот извештајот од САД, според кој залихите на нафта повторно се зголемиле, достигнувајќи ново рекордно високо ниво од 471,4 милиони барели.