Цените на нафтата на меѓународните пазари се спуштија под 37 $ поради се поизразениот страв дека проблемот со вишокот на понудата може да се влоши уште повеќе во наредните месеци.
На лондонскиот пазар цената на суровата нафта се спушти на 36,34 $. Ова е прв пат од декември 2008 година нафтата да се спушти под нивото од 36,40 $. На американскиот пазар се тргува за 34,60 $.
“Цените на нафтата се најдоа под притисок поради отсуство на одлука од Организацијата на земји извознички (ОПЕК) да го намали производството, значи дека се уште ќе е актуелен проблемот на прекумерната понуда”, забележува Amrita Sen од Energy Aspect.
На лондонскиот и американскиот пазар цените на нафтата паѓаат секојдневно откако ОПЕК на 4 Декември се откажа од политиката за дефинирање на производствениот плафон. Во изминатите шест трговски дена цената на нафтата вкупно падна за повеќе од 13 проценти.
Нивото на производство на ОПЕК е во близина на рекордното откако минатата година одлучи да ги истисне од пазарот производителите со повисоки трошоци, како што се оние во САД кои произведуваат нафта од шкрилци.
На почетокот на следната година пазарот најверојатно ќе биде преплавен и од иранската нафта откако се укинаа санкциите против Техеран во јули оваа година.
“Целото ново производството ќе биде наменето за извоз”, наведуваат од белешките од истражувањето на BMI. “Освен количините кои ќе бидат пуштени од магацините, Иран најверојатно ќе биде во можност да го зголеми производството на сурова нафта и деривати наменети за извоз најмногу до 700 илјади барели дневно до крајот на 2016 година”, се вели во соопштението.
Производителите во Персискиот Залив и Русија веќе потенцираа дека нема да го намалуваат производството, дури и ако цените се спуштат на 20 долари за барел.