Цените на нафтата во четвртокот на меѓународните пазари се задржаа под нивото од 37 $, поради растот на залихите во САД што ја стави во сенка иницијативата за ограничување на прекумерната понуда.
На лондонскиот пазар цената на нафтата остана речиси непроменета во однос на претходното затворање и изнесува 36,87 $. Значајни промени во цената во споредба со претходното затворање немаше и на пазарот во САД, каде нафтата се тргуваше за 34,72 $.
Подемот на цената на нафтата се закочи поради скокот на американските залихи минатата недела за 10,4 милиони барели на ново рекордно високо ниво од 517,98 милиони барели, соопштуваат од американската влада.
Податоците од САД покажуваат дека во декември производство се намалило трет последователен месец, со оглед дека нафтените компании почнуваат да попуштаат под притисок на остриот пад на цените. Намаленото производство и индикациите за финансиските проблеми на производителите ги стабилизираа цените, кои почнаа да се опоравуваат во февруари.
Дополнителна поддршка цената на нафтата добива од договорот на водечките производители, вклучувајќи ја Русија и членовите на ОПЕК, Саудиска Арабија, Венецуела и Катар, за ограничување на производството на нивото од јануари.
Аналитичарите досега се воздржани, меѓу другото, поради тоа што производството во јануари беше на рекордно ниво или барем блиску до него. Затоа проценуваат дека договорот помеѓу водечките производители нема во значаен степен да ја ограничи прекумерната понуда.
“Ние ќе продолжиме да бидеме многу претпазливи кога станува збор за можноста за зголемување на цените”, изјави Daniel Ang од брокерската куќа Phillip Futures.